По примерот на Австралија и Франција, Португалија планира законска забрана за користење социјални мрежи од страна на деца помлади од 16 години. Предлог-законот во понеделникот беше поднесен до португалскиот парламент од пратеници на владејачката десноцентристичка партија ПСД (PSD).
„Дигитална полнолетност“ на 16 години
Во текстот на законот се предвидува воведување на т.н. дигитална полнолетност, со што самостоен пристап до дигитални платформи, апликации, игри и онлајн услуги би бил дозволен дури од 16-годишна возраст.
„Дигиталната полнолетност за независен пристап до платформите, услугите, игрите и апликациите опфатени со овој закон се утврдува на 16 години“, се наведува во образложението на предлогот.
За адолесцентите на возраст од 13 до 16 години, користењето социјални мрежи би било дозволено само со согласност од родител или старател.
Проверка на возраста и родителска согласност
Законот предвидува и обврска за социјалните платформи да воведат системи за проверка на возраста и родителско одобрување, кои мора да бидат технички усогласени со софтверите што ги користи португалската државна администрација.
Според предлагачите, оваа мерка има за цел да спречи злоупотреби и да обезбеди реална контрола, а не само формално прифаќање на условите за користење.
Загриженост за развојот на децата
Во образложението на законот, пратениците се повикуваат на научни истражувања и стручна литература, според кои раното користење на социјалните мрежи може негативно да влијае врз когнитивниот и социјалниот развој на децата.
„Сè повеќе докази покажуваат дека користењето на овие дигитални ресурси пред 16-годишна возраст може да биде зависничко и штетно за нормалниот развој на младите“, се наведува во документот.
Европски тренд на заострување на правилата
Дебатата за ограничување на пристапот до социјалните мрежи за малолетници се засили низ Европа, откако Австралија во декември стана првата земја што воведе целосна забрана за лица под 16 години.
Минатата недела и францускиот парламент изгласа закон со кој се забранува користење социјални мрежи за деца под 15 години. Покрај Франција, Данска, Грција и Шпанија јавно се залагаат за воведување ваква регулатива и на ниво на Европската унија.
