Португалија го одобри законот за забрана на носење превези на лицето во јавност

Парламентот на Португалија го усвои предлог-законот со кој се забранува носење превези што го покриваат лицето, како што се бурките и никабите, во повеќето јавни простори.

Законот, предложен од крајнодесничарската партија Chega, доби поддршка и од центро-десничарските партии PSD, Либералната иницијатива и CDS-PP, додека левичарските пратеници, вклучувајќи ги оние од Социјалистичката партија (PS), Livre, PCP и Блокот на левицата, гласаа против.

Според текстот на законот, се забранува „употреба на облека во јавен простор што има цел да го скрие или попречи прикажувањето на лицето“, како во случајот со бурката и никабот. Исто така, се санкционира присилното прикривање на лицето од полови или верски причини.

Законот предвидува исклучоци за здравствени, професионални, уметнички, забавни или промотивни причини, како и во објекти за богослужба, дипломатски простории, авиони или во услови на безбедност и екстремни климатски прилики.

Мерката ќе биде дополнително разгледана во парламентарната комисија за уставни прашања, права, слободи и гаранции, по што ќе следи финално гласање. Претседателот Марсело Ребело де Соуза има можност да го потпише законот, да го стави на ревизија пред Уставниот суд или да го ветира.

Доколку биде усвоен во конечна форма, забраната ќе важи за сите јавни простори, вклучувајќи улици, јавни институции, продавници, спортски и јавни настани.

Казни до 4.000 евра и затвор за присила

За непочитување на забраната се предвидени казни од 200 до 2.000 евра во случај на непреднамерно прекршување, а во случаи на намерно непочитување, глобата може да достигне 4.000 евра.
Лицата што со закана, сила или злоупотреба на моќ ќе присилат некого да го прикрива лицето може да се соочат и со затворска казна до три години.

Остра дебата меѓу десницата и левицата

Лидерот на Chega, Андре Вентура, изјави дека „сите кои доаѓаат во Португалија, без разлика на потекло или вера, мора да ги почитуваат вредностите и обичаите на земјата“.
Од друга страна, пратеникот на Социјалистичката партија, Педро Делгадо Алвеш, го обвини екстремната десница дека „поттикнува омраза кон заедниците кои исто така заслужуваат почит“.

Португалија со овој закон се приклучува на Австрија, Франција, Белгија и Холандија, земји во кои веќе постојат целосни или делумни забрани на покривала за лице и глава.

Извор: Euronews

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни