Платформата за возрасна содржина Pornhub од следната недела ќе го ограничи пристапот за нови корисници во Обединетото Кралство, соопшти компанијата Aylo, сопственик на веб-страницата. Причината, како што наведуваат, е „неуспешниот систем“ за проверка на возраст воведен со новите правила од Законот за онлајн безбедност (Online Safety Act – OSA).
Според соопштението, од 2 февруари, пристап до Pornhub ќе имаат само корисници кои веќе имаат отворена сметка. Корисниците кои претходно ја поминале постапката за верификација на возраст ќе можат да продолжат да ги користат своите профили без прекин.
Aylo тврди дека измените на OSA, кои ги обврзуваат сајтовите за возрасни да воведат строга проверка на возраст, не ја постигнале својата цел – заштита на малолетниците. Наместо тоа, според компанијата, тие довеле до пренасочување на интернет-сообраќајот кон „помрачни и нерегулирани делови на интернетот“.
„Ние повеќе нема да учествуваме во неуспешниот систем што е создаден во Обединетото Кралство по воведувањето на OSA“, соопштија од Aylo.
Контроверзна верификација на возраст
Од јули минатата година, Pornhub и други платформи за возрасни беа принудени да воведат проверки на возраст што вклучуваат препознавање на лице или поставување официјален документ за идентификација, согласно новите британски регулативи.
Овие мерки имаа значително влијание врз користењето на платформата. Според извештај на британскиот дигитален регулатор Ofcom, објавен во декември, посетеноста на Pornhub во првиот месец од примената на правилата се намалила за речиси една третина. Причината, како што се наведува, била „неподготвеноста или неможноста“ на корисниците да ја завршат постапката за верификација.
И покрај падот, Pornhub и понатаму останува најпосетуваната веб-страница за возрасни во Обединетото Кралство, со пазарен удел од околу 6 проценти, покажуваат податоците на Ofcom.
„Тешка, но неопходна одлука“
Алекс Кекеси, потпретседател за бренд и заедница во Aylo, изјави дека одлуката за повлекување од британскиот пазар била „тешка“, но неминовна.
„Ефективното спроведување на OSA не е можно. Заобиколувањето на правилата е масовно, приватноста е загрозена, а нови, нерегулирани сајтови брзо ги пополнуваат празнините што ги оставаат одговорните оператори“, изјави Кекеси.
Тој додаде дека Aylo ќе продолжи да соработува со британската влада со цел да се најде поефикасно решение за заштита на децата на интернет. Како алтернатива, Кекеси ги повика технолошките компании да вградат заштитни механизми директно во iOS продавниците и корисничките сметки, со што би се ограничил пристапот до содржини за возрасни на уредите на малолетници.
Извор –Euronews
