Минатото е тешка дрога. Продавачите на ветар и магла тоа многу добро го знаат. Минатото е манџа во која клокотат сите нешта кои не се случиле. Кога Маркс ја нарече религијата “Опиум на народот“, мислеше токму на тие лепливи измислици – механизми за приспособување и опстанок на нашите далечни предци, со текот на времето трансформирани во тешка и патолошка зависност. Зависност од непостоечка меморија која стоплува, креира привид на комфорна зона и го одржува човека пасивен, инертен за реалноста и промените. Така минатото е совршен сојузник на организираната религија, која на крајот на денот се сведува на најбанален конзумеризам и средство за контрола, ништо поразлично од културата на шопинг моловите.
Овој процес, поточно болест на живеење во минатото е внимателно вгнезден во секојдневието, а има и свое бенигно име: носталгија. Не дека носталгијата е сосем лошо нешто, има навистина пријатни нишки и мириси… Сепак, таа најпрво ги отсекува рацете, за човек да не може да дофати што му е при рака; потоа нозете, за да не може да дооди; на крај страда умот, трулее духот, а со него и телото, зомбифицирајќи го населението. Тешка дрога, ви кажувам.
И јас, како и сите вие, сум растен на приказни. Различни приказни со најразновидни поуки и пораки. Денес ќе се осврнам на приказните кои ми ги раскажуваше баба ми. Родена нешто пред Првата светска војна во Скопје, значи на почетокот на 20-тиот век, израсната и реализирана во триесеттите и четириесеттите години на минатиот век и возрасна во поствоена Македонија, баба ми беше неисцрпен извор на вредни информации. Ете на пример дознавав како француските војници им давале чоколади на клинците во Скопје на крај на Првата светска; како Србите го тепале и трпале во затвор татко и кога ќе се испијанел и викал дека е Македонец; како Германиците биле фини господа, додека Бугарите не се покажале баш во најдобро светло за време “ратот“; колку добро им дошол мирот и конечната слобода да можат да живеат во сопствена држава и слободно да го практикуваат својот јазик и култура. Наша Македонија, нели… Информации од непроценлива вредност за љубопитно дете како мене, целото претворено во уши.
Тоа беше токму онаа баба која ги раскажува “оние“ приказни: Снежана, Ивица и Марица, Трите прасиња и секако најомилената за мене, Заспаната убавица. Уживав во секој миг со неа и денес таа баба ми е една од најтоплите, најсакани и позитивно потресни мемории. Сепак, имаше една декларација која уште тогаш ниту можев да ја разберам, ниту прифатам, всушност чувствував дек не е во ред, без разлика на тоа што бев малечок. Баба ми знаеше да каже: “Шо е било Скопје пред земјотресот (1963) – това беше, после Мх!“. Многумина од тоа време (доцни 70-ти, рани 80-ти) го имаа истиот сентимент и го артикулираа на глас. Знаев дека тоа нема шанси да е така. Мене Градски Sид (граден во раните 70-ти) ми се чинеше како блескавиот центар на светот.
Постер од музички настан со наслов „Порано беше боље“
Денес живеам во свет и опкружен сум со луѓе кои се уверени дека минатото било подобро. Тоа е основната поп култура на живеење, се разбира ако тоа воопшто може да се нарече живеење. Луѓе возрасни, но и сосем млади, копнеат по СФР Југославија, а јако модерно е да се споменуваат и 90тите години од минатиот век, кога “Скопје беше метропола“, за разлика од сега, нели? Ма господ одеше по земјата во 90-тите ако се сеќавате! Сигурен сум дека се сеќавате. Не се сеќавате, се разбира, бидејќи не се случило.
Луѓе, буквално навлечени на мемории кои воопшто не ги доживеале, во бесмислен нагон да се претстават како индивидуалци со сопствен став, решетаат непромисленост и носталгија по социјалните мрежи. Најважно е да се истакне дека актуелната реалност не чини, за разлика од оние “убави времиња“ кога се живееше безбедно, во слога и “се знаеше еден ред“. Но луѓето отсекогаш биле такви. Токму жал за младоста, но и жал за нереализираноста лежат во основата на овој феномен. Всушност секогаш било исто. Разликата е единствено во тоа што современата технологија овозможи алатки (социјални мрежи), каде што овој тажен сентимент е брутално изложен на купче. Порано, сето тоа беше поприватно, раштркано и недоволно видливо за генерализација.
Како го знам сето ова? Ете јас на пример, многу добро се сеќавам на 90-тите. Не само што бев присутен, туку бев и еден од главните мотиватори и иницијатори на тектонските културни промени во градов и земјата во тоа време. Во еден темен, неосветлен, екстремно сиромашен со културна понуда град, преку сега веќе култното и непостоечко радио Канал 103 и секако неизбежниот ПМГ Колектив, како торнадо свежина, инсталиравме сосем нов начин на размислување, однесување, размена и забава. Ново, дотогаш невидено ниво на култура. Тоа беше возможно само поради тоа што претходно не постоеше такво нешто. Поедноставно речено: Скопје во 90-тите за последен пат беше село. Метропола е тек сега, се разбира со сите свои слабости, недостатоци и валканици. Но за тоа се боревме, не? Да стане метропола, а метрополите не се жбунчиња со каранфили.
Морална облигација на секој човек е да биде среќен, а тоа е возможно само со трезвена промисла и преземање на одговорност кон себе, својата околина и својот град. Порано било навистина убаво, ако ви е убаво и сега. Ако не ви е убаво сега, никогаш не ви ни било. Потрудете се, од вас зависи. Излезете во град викендов, проверете дали се добро и што работат музичките херои од 90-тите. Живејте. Подобро е така.