85 годишниот Питер Мутарика е победник на изборите во Малави. Поранешниот претседател на Малави, беше прогласен за победник на минатонедените избори, што претставува голем камбек, објавува Би-Би-Си.
Официјалните резултати покажуваат дека тој освоил 57 проценти од гласовите, додека претседателот Лазарус Чаквера (71), добил 33 проценти. Чаквера, кој бил пастор пред да влезе во политиката, го признал поразот дури и пред да бидат објавени конечните резултати, повикувајќи го Мутарика за да му честита за неговата „историска победа“.
Мутарика, поранешен професор по право, беше претседател од 2014 до 2020 година, кога загуби со убедлива разлика од Чаквера. Сега тој ја презема земјата чија економија е во длабока криза, поради сериозен недостиг на гориво и девизи. Официјалната стапка на инфлација се приближува до 30 проценти, а замрзнато пилешко во супермаркет во главниот град Лилонгве чини околу 20 долари, во земја каде што повеќето луѓе живеат со два долари дневно или помалку.
Изборната комисија соопшти дека ѝ се потребни цели осум дена дозволени со закон за да ги објави резултатите бидејќи сака внимателно да провери сè и прво да ги реши жалбите. Изборите во 2019 година, на кои исто така победи Мутарика, беа поништени од највисокиот суд во земјата поради бројни нерегуларности, вклучително и употреба на коректори за промена на резултатите. Чаквера победи на реизборот следната година со убедлива разлика. Ова беше нивниот четврти изборен дуел.
Во говорот во кој го призна поразот, Чаквера рече дека иако има одредени сомнежи за „нерегуларности“ и „аномалии“, ги прифатил резултатите од почит кон мнозинската „колективна волја на Малавијците да сакаат промена на владата“.
„Аномалиите не мора да значат дека изборниот резултат, според кој професорот Мутарика е победник, не е веродостоен или не ја одразува волјата на народот“, рече тој.
Неговиот говор предизвика прослави меѓу поддржувачите на Мутарика во Лилонгве – стотици луѓе пееја и танцуваа на улиците. Возачите свиреа со своите труби и пуштаа гласна музика, додека пешаците танцуваа, пееја и извикуваа „адади“, што значи „татко“ на локалниот јазик Чича.
Овој резултат може да се смета за отфрлање на Чаквера, а не за победа за Мутарика. За време на неговото претседателствување, проблемите на Малави само се натрупуваа. Распространетата корупција, слабата економија, високите трошоци за живот, честите прекини на електричната енергија и недостигот на девизи ги натераа Малавијците да бараат алтернативно лидерство.
Иако истите проблеми постоеја за време на владеењето на Мутарика, тие се влошија под Чакарика. Неговите сојузници ја обвинија кризата за надворешни фактори, вклучувајќи суша и други природни катастрофи, пандемијата Ковид-19 и војната во Украина. Сепак, слоганот на кампањата на Мутарика – „враќање на докажано лидерство“, победи кај гласачите во Малави.
Сега Мутарика мора да покаже дека може повторно да ја контролира инфлацијата, како што правеше во својот прв мандат. За време на кампањата, тој ретко се појавуваше во јавноста, за разлика од Чаквера, кој одржа бројни митинзи низ Малави. Поради ова, шпекулациите за здравјето на Мутарика стануваат сè почести, а прашањето е дали на 85-годишна возраст има сила повторно да го води Малави.
Церемонијата на положување заклетва мора да се организира во рок од седум до 30 дена по објавувањето на резултатите.