Поранешниот претседател на Грузија, Михаил Саакашвили, осуден на дополнителни 9 години затвор

Поранешниот претседател на Грузија, Михаил Саакашвили, денес доби уште девет години затвор, откако беше прогласен за виновен за проневера, јавува агенцијата Интерпрес.

Саакашвили, кој беше претседател на Грузија од 2004 до 2013 година, веќе издржува казна од шест години затвор за злоупотреба на службената положба. Тој беше уапсен во 2021 година по неговото враќање во земјата по долгогодишен престој во странство. Голем дел од казната ја помина во затворска болница.

Грузиските медиуми објавија снимки од немири во судницата по изрекувањето на пресудата, при што неговите поддржувачи судијата го нарекоа „роб на актуелната власт“.


Саакашвили останува контроверзна фигура во Грузија. На власт дојде по Револуцијата на розите во 2003 година, по што ја насочи земјата кон Запад и спроведе серија реформи во јавниот сектор. Сепак, неговото владеење беше обележано со обвинувања за авторитарност, полициска бруталност и војната со Русија во 2008 година.

По губењето на изборите во 2012 година од коалицијата предводена од олигархот Бидзина Иванишвили, Саакашвили ја напушти Грузија и се пресели во Украина, каде што кратко време беше гувернер на Одеската област.

Во 2021 година, тој се врати во Грузија, иако веќе беше осуден во отсуство. Веднаш по враќањето беше уапсен и затворен, а сега му е додадена и нова казна.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни