Поранешниот градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу, уапсен под обвинение за шпионажа

Турскиот опозициски политичар и поранешен градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу, е уапсен под сомнение за шпионажа во врска со изборите во 2019 година. Судот нареди притвор по 11 часа испрашување.

Поранешниот градоначалник на Истанбул и еден од најпознатите опозициски политичари во Турција, Екрем Имамоглу, е уапсен под обвинение за шпионажа поврзана со локалните избори во 2019 година, објави турскиот портал Sozcu.

Според информациите, Јавното обвинителство во Истанбул на 24 октомври покрена кривична постапка против Имамоглу и уште неколку официјални лица, под сомнение дека овозможиле протекување доверливи податоци за 4,7 милиони избирачи, кои потоа наводно биле проследени до странски разузнавачки служби.

По 11 часа испрашување, судот во Чаглајан наредил притвор за Имамоглу, новинарот Мердан Јанардаѓ (основач на „Tele 1“) и Неджати Озкан, под истата обвинителна точка — шпионажа.

Реакции од опозицијата

Лидерот на Републиканската народна партија (CHP), Озгур Озел, ја нарече одлуката на судот кршење на уставот и обид да се спречи Имамоглу да се кандидира на претседателските избори.

Во март, Универзитетот во Истанбул по барање на обвинителството му ја поништи дипломата на Имамоглу и на уште 27 лица, што дополнително го спречува да се кандидира за највисоката функција.

Обвинителството бара речиси девет години затвор и забрана за политичко делување за Имамоглу во постапката за наводно фалсификување диплома.

Повеќе случаи против Имамоглу

Имамоглу, кој беше на чело на Истанбул од 2019 година и повторно беше избран во 2024 со предност од речиси 12%, од 23 март се наоѓа во притвор во затворот во Силиври, поради обвиненија за корупција.

Во јули, судот го осуди на една година и осум месеци затвор за наводни закани кон државниот обвинител Акин Гурлек и неговото семејство.

Изјава на Имамоглу

Имамоглу ги негира сите обвиненија и вели дека случајот е политички мотивиран:

„Ова е најсериозното и најапсурдното обвинување што може да се изнесе против мене. Шпионажата е рамна на предавство. Целосно ги отфрлам сите обвинувања и ќе ги искористам сите законски средства за да ја докажам мојата невиност,“ изјави Имамоглу.

Тој додаде дека обвиненијата претставуваат „теорија на заговор“ насочена против него и опозицијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни