Поранешниот директор на ФБИ Џејмс Коми обвинет за лажно сведочење пред Конгресот

Џејмс Коми, поранешен шеф на ФБИ, обвинет за лажни изјави пред Конгресот и попречување на правдата. Судскиот процес започнува на 9 октомври.

Сојузна голема порота во Вирџинија подигна обвинение против поранешниот директор на ФБИ, Џејмс Коми, по две точки што се однесуваат на неговото сведочење пред Конгресот. Коми, се товари дека лажел пред Конгресот во септември 2020 година за тоа дали дал овластување за протекување доверливи информации кон медиумите, пренесува BBC.

Коми: „Невин сум. Одиме на суд!“

Во видео изјава по подигнувањето на обвинението, Коми изјави дека се чувствува невин и изрази целосна доверба во сојузниот правосуден систем.

„Моето семејство и јас одамна знаеме дека има цена за спротивставување на Доналд Трамп. Нема да живееме на колена, и вие не треба“, рече тој. „Јас сум невин. Одиме на суд“, додаде Коми.

Неговиот адвокат, Патрик Фицџералд, изјави:

„Џим Коми целосно ги негира обвинувањата. Со нетрпение очекуваме да ја докажеме неговата невиност.“

Детали од обвинението

Коми е обвинет по една точка за давање лажни изјави, една точка за попречување на правдата.

Ако биде прогласен за виновен, му се заканува казна до пет години затвор. Тој е првиот поранешен директор на ФБИ што се соочува со кривична постапка. Обвинението е подигнато само неколку дена пред истекот на петгодишниот рок на застареност.

Изјаснувањето за вината е закажано за 9 октомври во 10 часот по локално време во Александрија, Вирџинија. Според документите, Коми намерно и свесно дал лажна и измамна изјава пред американски сенатор, негирајќи дека овластил некој од ФБИ да биде анонимен извор за новинарите.

Обвинението доаѓа само неколку дена откако претседателот Доналд Трамп побара од главната државна обвинителка Пам Бонди да спроведе поагресивни истраги против неговите политички противници, вклучувајќи го и Коми.

Истражувањето го води Линдзи Халиган, сојузна обвинителка за источниот округ на Вирџинија, која претходно била лична адвокатка на Трамп.

Бонди изјави дека обвинението:

„Ја одразува посветеноста на ова Министерство за правда да ги повика на одговорност сите што ја злоупотребуваат функцијата и го лажат американскиот народ.“

Поранешната сојузна обвинителка Лори Левенсон вели:

„Ова ќе биде многу тешко обвинение за докажување. Често се сведува на збор против збор. Дури и ако Коми згрешил, тоа не значи дека свесно лажел.“

Демократите остро го осудија обвинението. Лидерот на демократите во Претставничкиот дом, Хаким Џефрис, го нарече ова:

„Срамна злоупотреба на правосудниот систем и напад врз владеењето на правото.“

Контроверзен мандат на чело на ФБИ

Коми беше директор на ФБИ од 2013 до 2017 година, познат по истрагата за е-маилите на Хилари Клинтон пред изборите во 2016 година, кои Трамп ги доби.

Трамп го отпушти во 2017 година, во сред истрага за руското мешање во изборите.

Ова не е првата истрага против него годинава — Тајната служба го испитуваше за објава на социјални мрежи што се протолкува како повик на насилство против Трамп.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни