Поранешен нацистички бункер денес е хотел кој изобилува со зеленило

Фото: X/@Vinylbuddy

 Бункерот Ст. Паули во Хамбург во Германија доминира со панорамата на градот повеќе од 80 години. Тој е висок 58 метри, малку повисок од Кривата кула во Пиза, но многу потежок.

Изграден е за време на нацистичкиот режим на Адолф Хитлер и е реликт на најмрачниот период од германската историја. Сепак, овој бетонски џин доживеа своја ренесанса.

Бункерот во Хамбург сега е преуреден и има два ресторана, хотел „Хард рок“ и новоизграден бар на кровот со градина од која зеленилото се прелива преку бетонската фасада.

Квартот Карофертел во која се наоѓа бункерот, кој изгледа како тврдина, е полна со модерни локални и згради, а тука е и ноќниот клуб Кнуст кој е сместен во преуредена кланица.

Цената за ноќевање во собите во овој хотел се движат од 180 до 269 евра и тие нудат прекрасен поглед на градот. Хотелот со 134 соби исто така има и современи карактеристики кои се очекувани во било кој модерен хотел.

Бункерот во Хамбург бил еден од осумте противвоздушни кули кои служеле како скривалишта за време на воздушните напади во Втората светска војна. Ваквите кули биле изградени после британските воздушни напади на Берлин во 1940 година.

Овој бункер тежи 76 илјади тони, бидејќи ѕидовите му се дебели по два и пол метри и не беше лесно властите по војната да го срушат или игнорираат.

Еден сличен ваков бункер, кој е целосно уништен, се наоѓал во зоолошката градина во Берлин. А бидејќи сите останати се наоѓаат во густонаселени места, каде што рушењето со експлозив би бил огромен ризик, тие преживеале и до денес.

Извор: Н1

Најново

Последни колумни