Поранешниот министер за образование лорд Џон Наш го оцени ова како длабоко вознемирувачки тренд и упати апел за итна акција, пренесува Sky News.
Наш, кој го водеше секторот за школски систем од 2013 до 2017 година, предупреди дека „на деца кои сè уште не умеат да читаат им се нудат содржини и алгоритми осмислени за возрасна публика“, што, како што рече, треба да предизвика сериозна загриженост. Тој повика на широка кампања за јавно здравје за да се едуцираат родителите за потенцијалната штета од прекумерно користење на дигитални платформи, но и на законски мерки што би ја подигнале возрасната граница за пристап до социјални мрежи на 16 години. Дополнително, технолошките компании би требало да сносат одговорност кога не успеваат да ги заштитат малолетниците.
Бројката од над 800 илјади малолетни корисници произлегува од анализата на Центарот за социјална правда, кој ги комбинирал најновите демографски податоци со претходните истражувања на регулаторот Офком. Според проценките, речиси четири од десет родители признале дека нивните деца користат барем една социјална мрежа.
Лорд Наш е меѓу најгласните поддржувачи за воведување модел како оној во Австралија, која следниот месец ја става во сила забраната за користење социјални мрежи за лица под 16 години. Таму од платформите како Инстаграм, ТикТок и Снепчат ќе се бара да преземат мерки за да спречат отворање профили од помали корисници.
Иако властите очекуваат ова да ги заштити децата од штетни содржини и онлајн предатори, мерката предизвикува и отпор – вклучително и од самите тинејџери. Петнаесетгодишниот Ноа Џонс поднесе тужба против австралиската влада тврдејќи дека забраната би го направила интернетот уште поопасен, бидејќи младите лесно би ја избегнале.
Во Велика Британија сè почести се повиците за построги правила за користење мобилни телефони во училиштата. Центарот за социјална правда бара целосна забрана на паметните телефони во образовните институции, со цел да се прекине континуираниот циклус на присутност на децата на социјалните мрежи. Здравствениот министер Вес Стритинг дополнително предупреди на „парализирачкото влијание на бесконечното скролање“ врз развојот на младите.
Извор: Index.hr
