Скандалот со европските земјоделски субвенции веќе не отвора само истраги, туку директно ја менува и грчката влада. Премиерот Киријакос Мицотакис го именува поранешниот потпретседател на Европската комисија Маргаритис Шинас за нов министер за земјоделство, откако неговиот претходник Костас Цијарас поднесе оставка под притисок на проширената европска истрага.
Реконструкцијата доаѓа во момент кога Европското јавно обвинителство бара укинување на имунитетот на најмалку 11 грчки пратеници за да може да продолжи истрагата за можна измама со земјоделски субвенции. Според досегашните наводи, случајот се врти околу лажни пријави за пасишта и добиток, со кои биле извлекувани милиони евра од европските фондови.
Во центарот на скандалот е државната агенција ОПЕКЕПЕ, преку која се распределуваат повеќе од две милијарди евра годишно европска помош за земјоделството. ЕУ веќе ја казни Грција со 392 милиони евра поради долгогодишни пропусти во управувањето со овие средства, а истрагата сега добива и јасна политичка тежина.
Шинас не е случаен избор. Тој е едно од најпрепознатливите грчки имиња во европската политика, поранешен еврокомесар и потпретседател на Европската комисија, а неговото влегување во владата е обид кризата да се стави под контрола со лице што носи и институционално искуство и политичка тежина. Но опозицијата веќе порача дека самата реконструкција не е доволна, тврдејќи дека проблемот е подлабок од една министерска смена.
Ова е втора рунда оставки поврзани со истиот случај. Дел од функционерите си заминаа уште минатата година, а незадоволството во земјоделскиот сектор во меѓувреме се прелеа и на улица, со протести поради доцнење на исплатите и недоверба во системот што треба да ги распределува субвенциите.