Шумски пожар во ваша близина. Ако сте во конкретната област евакуирајте се на север, е пораката, напишана на грчки и англиски јазик, проследена со силен карактеристичен звук, што ја добиваат сите оние кои се наоѓаат во регион со активен пожар во Грција, а е испратена од цивилната заштита преку бројот 112 за итни случаи, со цел да се информираат граѓаните, но и туристите и да избегнат опасност по нивните животи.

Европскиот број за итни случаи 112 во 2019 година беше воведен во Грција, првично само за дојдовни повици, а неколку месеци подоцна, на почетокот на 2020 година, во пандемијата и карантините започна да функционира и со појдовни пораки, односно испраќање предупредувања.
Овие пораки од грчката цивилна заштита веќе пет години е дел од секојдневието на Грците при секоја природна катастрофа, а со оглед на големиот број пожари во земјата, не е мал бројот на туристи кои имаат искуство со пораките.