Оризот, основната храна за милијарди луѓе ширум светот, се соочува со нова, сериозна закана од климатските промени.
Според најновата студија објавена во списанието „The Lancet Planetary Health“, зголемените температури и нивото на јаглерод диоксид драматично ја зголемуваат количината на неоргански арсен во зрната ориз, токсична супстанција поврзана со различни сериозни здравствени проблеми, вклучувајќи срцеви заболувања, дијабетес и невролошки нарушувања.
Истражувањето спроведено од Школата за јавно здравје Mailman на Универзитетот Колумбија, проучуваше 28 сорти ориз во текот на десет години во делтата на реката Јангце. Користејќи го системот FACE (Free-Air CO₂ Enrichment), научниците симулираа климатски услови на иднината, температури повисоки за 2°C и концентрации на CO₂ повисоки за 200 ppm.

Резултатите покажале дека комбинацијата на овие фактори значително ја зголемува акумулацијата на арсен, и тоа во поголема мера отколку кога секој од нив дејствувал поединечно.
Промените во микробиолошкиот систем на почвата во оризовите полиња, исто така, придонесоа за проблемот. Зголемените температури и концентрациите на CO2 поттикнаа анаеробни услови и појава на потоксични форми на арсен.
На пример, забележано е шесткратно засилување на генот arsC за време на развојот на зрното од ориз, што промовира конверзија на арсен во поштетни форми. Студијата предупредува дека според ова сценарио, ризикот од недегенеративни болести ќе се зголеми во сите анализирани земји.
Сепак, според д-р Луис Зиско, постојат решенија. Тој ја истакнува можноста за одгледување на сорти кои акумулираат помалку арсен, воведување подобри методи на наводнување и воспоставување построги регулаторни стандарди. Во моментов, многу земји немаат задолжителни ограничувања за нивоата на арсен во оризот, иако повеќето анализирани примероци веќе ја надминуваат препорачаната граница од 200 ppb (делови на милијарда).
Безбедноста на оризот е од клучно значење за глобалната безбедност на храната, а научниците предупредуваат дека е неопходна брза акција за да се избегнат потенцијалните глобални здравствени кризи предизвикани од климатските промени.