Авион што од Молдавија слетал на аеродромот во Ларнака претпладнево бил изолиран во специјален простор, а според кипарските медиуми, причината била „сомнителен патник“, кој е пронајден и одведен на распит во полиција.
Министерот за транспорт и врски на Република Кипар Алексис Вафеадис за кипарската новинска агенција ЦНА рекол дека авионот по слетувањето бил изолиран во посебна област, припадници на полиција пристигнале на аеродромот за да извршат проверка на авионот и се очекуваат резултатите.
Медиумите од Кипар пишуваат дека според првичните информации било пријавено дека во авионот на компанијата „Флај оне“ постои сомнителен патник со романско или молдавско државјанство, кој е поврзан со тероризам, нешто што официјално не е потврдено.
Министерот за правда на Кипар Мариос Харциотис за телевизијата „Сигма“ објасни дека „од Молдавија дошла конкретна информации за летот што требаше да слета на аеродромот во Ларнака и дека во летот е патник кој се смета за опасен или сомнителен“, додаде дека конкретната информација се проверува и се следи соодветниот протокол, а во однос на тоа дали се работи за лице поврзано со тероризам, објасни дека не биле дадени дополнителни информации за причините зошто патникот се смета за сомнителен, но сепак била побарана помош од Интерпол за да се потврди автентичноста на пораката.
Аеродромот во Ларнака функционира нормално, без да има некакви проблеми за летовите од и до Кипар.