Поради силни поплави на југот на Шпанија, наредена е итна евакуација, затворени се патиштата и училиштата. Службите за итна помош на југот на Шпанија трагаат по брачен пар откако силните поплави го однеле нивното возило додека порастот на водата предизвикал евакуација на стотици домови.
Регионалните официјални лица наредиле евакуација на 365 домаќинства во селото Кампанилјас, во близина на градот Малага, откако блиската река излела од своето корито. Евакуираните ноќта ја поминале во општинската спортска сала.
Шефот на внатрешни работи на Андалузија, Антонио Санс, изјавил дека 19 реки во Андалузија денес се под аларм за поплави, бидејќи лошото време се проширило од Малага кон областа близу Севиља и Кордоба. Вкупно 40 автопати низ Андалузија, како и некои железнички линии морале да бидат затворени поради порастот на водата.
Итните служби реагирале на стотици повици за помош. Граѓанската гарда дури помогнала во спасувањето на пар кучиња кои биле во опасност да се удават, се наведува на видео снимката која ја објавила полицијата. Истиот регион околу Малага бил погоден и во ноември кога силните дождови во тој дел на Шпанија довеле до разорни поплави и однеле 233 животи, главно во Валенсија.
Шпанија, која е погодена од долготрајна суша последните години, забележа големи врнежи, особено на југ, во последните две недели. Научниците ги поврзуваат овие промени помеѓу екстремно суви и влажни периоди со климатските промени, кои исто така предизвикаа сè повтопли летни сезони во Шпанија.