На влезот во Хрватска од Босна и Херцеговина и од Србија моментално се чека со часови поради примената на новиот систем на Европската унија – Entry/Exit System (EES), кој собира биометриски податоци од сите државјани на трети земји при влез и излез од државата. Системот има цел да ја зголеми безбедноста, но значително го забавува преминувањето на границите.
Најдолги чекања се регистрирани на граничниот премин Бајаково, каде што се чека и до четири часа, потоа на граничниот премин Јасеновац, каде колоните се задржуваат околу три часа. На останатите гранични премини од Босна и Херцеговина се чека околу два часа, додека на другите премини од Србија времето на чекање се движи меѓу 30 минути и еден и пол час.
Биометриски податоци
При првиот влез во Хрватска, на државјаните на трети земји им се земаат биометриски податоци – отпечатоци од четири прсти и фотографија на лицето. Овие податоци се складираат во системот и се користат при сите наредни преминувања на границата. Службениците ги проверуваат податоците и ги споредуваат снимките на лицето во живо со податоците во системот.
Системот не се применува на државјаните на Европската унија, кои и понатаму ја преминуваат границата со патна исправа или лична карта, без да даваат биометриски податоци. Според надлежните институции, EES е воведен со цел зголемување на безбедноста и ефикасноста на граничните контроли, но во првите денови од примената предизвикува значителни доцнења и подолги чекања.
