По хакерските напади врз системите за пријавување и качување, одложени и откажани се летовите на неколку европски аеродроми.
Колинс Аероспејс, која обезбедува услуги за неколку авиокомпании низ целиот свет, наводно „има технички проблем што може да предизвика доцнења за патниците што заминуваат“.
Аеродромите Хитроу во Лондон, Брисел и Берлин се нападнати, а на патниците им се советува пред да пристигнат на аеродромот, да ја проверат состојбата на своите летови со своите авиокомпании.
„Додека добавувачот работи на брзо решавање на проблемот, им советуваме на патниците да ја проверат состојбата на својот лет со својата авиокомпанија пред патувањето. Ве молиме да пристигнете не порано од три часа пред лет на долга релација или два часа пред домашен лет. Дополнителни колеги се достапни во областите за пријавување за да помогнат и да ги минимизираат пречките. Се извинуваме за евентуалните непријатности“, изјави портпаролот на аеродромот Хитроу.
Во меѓувреме, аеродромот во Брисел објави дека поради сајбер нападот „моментално е можно само рачно пријавување и качување“.
„Активно работиме на решавање на проблемот што е можно поскоро“, се додава во соопштението.
Аеродромот Берлин-Бранденбург вели дека „поради технички проблем со давателот на системот што работи низ цела Европа, има подолго време на чекање при пријавување“.
„Работиме на брзо решение“, додадоа тие.
Портпаролот на аеродромот во Франкфурт информираше дека не се засегнати од кибер нападот.