Основното јавно обвинителство Скопје веќе постапува и презема дејствија за обезбедување докази за евентуално кривично дело во врска со состојбата со отпадот во Скопје.
Како што информираат од ЈОРСМ, јавниот обвинител издал наредби до МВР и до други надлежни органи за итно постапување и проверки во однос на работењето на ЈП „Комунална хигиена“.
Доставени се барања до комуналните инспекциски служби да извршат вонреден инспекциски надзор и да ја констатираат моменталната состојба.
Владата соопшти дека го задолжила Министерството за внатрешни работи во координација со Државниот комунален инспекторат, Државниот инспекторат за животна средина, Државниот санитарен и здравствен инспекторат и Институтот за јавно здравје да извршат вонреден инспекциски надзор во Град Скопје и во Комунална хигиена со цел да се утврди состојбата со отпадот во главниот град и да се преземат соодветни мерки.
„Состојбата е алармантна и иако надлежноста е на Град Скопје, поради континуираното непостапување, ги повикуваме институциите веднаш да постапуваат по донесените заклучоци на Владата“, се наведува во соопштението испратено од владината прес-служба.