Популарни дестинации што најмногу ги разочарале патниците

Миконос, Мртвото Море, египетските пирамиди и многу други познати локации ги разочарале патниците поради огромни гужви, високи цени и нереални очекувања. Прочитајте кои популарни дестинации не вреди да ги посетите.

Харисон Џејкобс, американски новинар кој пишува за Business Insider, поминал повеќе од шест месеци патувајќи низ светот, посетувајќи 18 земји и заклучил дека многу популарни локации се преценети, а некои се вистински туристички замки.

„Иако доживеав многу авантури, не беше сè вредно за толкавиот хајп. Некои места беа прескапи и незанимливи, а на други ме дочекаа ужасни гужви“, објаснува Харисон и составува список на места што не вреди да се посетат, за да им покаже на луѓето дека не мора да патуваат на најпознатите дестинации ниту да веруваат во се што се прикажува или препорачува.

Во Европа го разочарале грчкиот Миконос и славната книжарница Livraria Lello во Порто. Во Азија го потсетува на разочарувања во Кина (планината Хуа – Хуашан, Терекотната војска, Шарените планини Данксиа, стаклениот мост во Жангџијажи), Јужна Кореја (DMZ – демилитаризирана зона, храмот Хедонг Јонггунгса), Хонг Конг (подвижните скали Central–Mid-Levels, комплексот Chungking Mansions, капсулите SLEEEP), Сингапур (хотелот Marina Bay Sands) и Израел (Мртвото Море). Во Африка го разочарале градините Мајорел во Маракеш и внатрешноста на пирамидите во Египет.

Планината Хуа (Хуашан), Кина

Планината Хуа е една од петте свети планини во Кина и важно место за поклонение. Популарноста ѝ ја зголемува и познатиот „Plank Walk“ – патека од дрвени даски прицврстени на огромна планинска карпа без ограда.

„За жал, не успеав да стигнам до таа патека. Најлесно е да се оди со жичарница, но редот беше неверојатно долг. Два часа пешачење само за да стигнам до местото за чекање. Потоа уште два часа до влезот. Кога конечно стигнав до врвот, немав време за Plank Walk“, вели Харисон.

Јужна Кореја – DMZ

Отишол на еднодневна тура до границата со Северна Кореја.

„Надреално место, а сепак најпопуларна атракција во земјата со 1,2 милиони посетители годишно. Комерцијализацијата ме шокира – сувенири од Северна Кореја, промотивни видеа, фигури на војници за фотографирање. Не би се вратил ниту би препорачал, освен ако не сте голем љубител на историјата.“

Терекотна војска

Иако со години сакал да ја види, доживеал огромно разочарување.

„Бев таму во работен ден и едвај се движев од гужвите. До балконот од каде што се гледа огромната јама со војниците буквално се пробиваш. Внатре е жешко и спарно.“

Миконос, Грција

Миконос, како рајски остров за забави и богаташи, му бил врв на листата – но не и во реалноста.

„Гужви, премногу туристи од крузери, сè прескапо. Лежалка на плажа чини стотици евра за ден, а местото е премало. Морето прекрасно, но полно со јахти – чувство како да пливаш во марина. Ако не доаѓате вон сезона, избегнете го.“

Шарените планини Данксиа и стаклениот мост во Жангџијажи

„Не се толку шарени како на фотографиите, а до стаклениот мост се чека и пешачи со часови. Осмислено е за селфи-фотографии, ништо повеќе.“

Книжарницата Livraria Lello, Порто

Една од најубавите книжарници на светот, инспирација за Хари Потер, изгледа магично на фотографија – но во реалноста е преполна со туристи, движењето е тешко и стресно.

Капсулите SLEEEP, Хонг Конг

Привлечен од футуристичкиот концепт, отишол да проба.

„Во пракса е вруќо, бучно и клаустрофобично. Лоша изолација. Ако не спиете цврсто, ќе ве будат звуците секојпат кога некој ќе стане.“

Мртвото Море

„Предели прекрасни, но во јули водата е врела како џакузи, а солта го пече секој дел од телото.“

Пирамидите во Египет

Извонредни однадвор, но внатрешноста е целосно разочарување.

„Тесни ходници, празни простории – сè вредно одамна е однесено. Мирис на мувла, тешко се дише, кашлав дури и со шал преку устата.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни