Компанијата за ДНК тестирање 23andMe поднесе барање за банкрот во САД откако се соочи со намалена побарувачка за своите тестови и компромитирање на податоци во 2023 година, што ја наруши нејзината репутација. Акциите на компанијата паднаа за 50%, а ко-основачката Ен Вожицки поднесе оставка од функцијата извршен директор.
Компанијата некогаш беше проценета на 6 милијарди долари, но интересот за ДНК тестовите значително опадна, бидејќи клиентите ретко купуваат повеќе од еден тест. Аналитичарите сметаат дека пазарот е веќе заситен, а и главниот конкурент AncestryDNA, кој е во сопственост на Blackstone, исто така се соочува со слични проблеми.
Протекувањето на податоци во 2023 година, кој откри лични информации на 7 милиони корисници во период од пет месеци, дополнително го наруши имиџот на компанијата и резултираше со судска тужба вредна 30 милиони долари. Загриженоста за приватноста ја намали довербата на корисниците, а властите во Калифорнија побараа одговори за тоа како компанијата ги заштитува генетските податоци. 23andMe тврди дека процесот на банкрот нема да влијае на безбедноста на податоците, но критичарите предупредуваат на можноста за нивна продажба на трети страни.
И покрај банкротот, 23andMe ќе продолжи со работа, осигурувајќи 35 милиони долари финансирање за време на процесот на продажба. Вожицки, која претходно направи неколку неуспешни обиди за откуп на компанијата, најави дека повторно ќе се обиде, но не откри детали. Таа наводно користела свои контакти, вклучувајќи го и нејзиниот поранешен сопруг, ко-основачот на Google, Сергеј Брин, за да обезбеди инвестиции за компанијата.
Како дел од реструктурирањето, компанијата отпушти 200 вработени и го прекина развојот на сите терапевтски програми. Барателите за преземање на 23andMe остануваат непознати, а новиот привремен извршен директор, Џо Селсавиџ, ќе го надгледува процесот додека компанијата бара потенцијални купувачи.