Поплави во Јужна Кореја: Најмалку 17 загинати и 11 исчезнати по поројните дождови

Силни врнежи ја погодија Јужна Кореја, предизвикувајќи лизгања на земјиште и поплави со најмалку 17 жртви и 11 исчезнати. Властите најавуваат прогласување катастрофални зони

Јужна Кореја беше погодена од силни врнежи во последните пет дена, при што загинаа најмалку 17 лица, а 11 се водат како исчезнати, соопшти владата во неделата.

Едно лице загинало откако му се урнала куќата од обилниот дожд, а друго било пронајдено мртво откако било однесено од надојден поток во Гапјеонг, град североисточно од Сеул, според Министерството за внатрешни работи и безбедност.

Министерството на Јужна Кореја соопшти дека 10 лица се пронајдени мртви, а уште четири се водат како исчезнати во јужниот град Санчеонг во текот на викендот, откако обилните врнежи предизвикале лизгање на земјиште, уривање куќи и ненадејни поплави.

Според извештајот на министерството, едно лице загинало и во јужниот град на Јужна Кореја – Гвангџу. Сè уште се трага по уште седум лица во Гвангџу, Гапјеонг и други места.

Претходно минатата недела, едно лице загина откако неговиот автомобил бил затрупан од земја и бетон кога се урнал потпорен ѕид на надвозник во Осaн, јужно од Сеул. Тројца други се пронајдени мртви – во потопен автомобил, надојден поток и поплавен подрум во провинцијата Јужен Чунгчонг.

2.730 лица остануваат евакуирани од своите домови во Јужна Кореа

До 16 часот по локално време во неделата, околу 2.730 лица остануваат евакуирани од своите домови, соопшти министерството. Дождот сега престанал во најголемиот дел од Јужна Кореја, и сите предупредувања за силен дожд се укинати низ целата земја.

Од средата, јужните региони добиле меѓу 600 и 800 милиметри дожд, според извештајот на министерството.

Претседателот Ли Џе Мјунг изрази длабоко сочувство до оние кои ги загубиле своите најблиски и претрпеле материјални штети. Тој најави дека владата ќе се заложи погодените области да бидат прогласени за специјални зони на катастрофа, што би овозможило поголема финансиска и логистичка помош од државата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни