Поплави во неколку градови во Бугарија

Граѓаните се повикуваат на внимателност, а Националниот институт за метеорологија и хидрологија издаде црвен аларм за обилни врнежи

Силно невреме со дожд и ветер го зафати западниот дел на Бугарија, што предизвика поплави во неколку области.

Општините Сандански и Петрич прогласија вонредна состојба, откако врнежите достигнаа меѓу 20 и 80 литри на квадратен метар.

Најпогодени се селата Ново Делчево, Лешница, Склаве, Џигурово, Лилијаново и околните населби, каде постои ризик од излевање на реки и поплави во ниските делови.

Градоначалникот на Сандански, Атанас Стојанов, потврди дека има поплавени домови, улици и мостови:

„Ситуацијата е динамична, сложена и тешка. Реагираме на секоја пријава преку противпожарните служби и општинските екипи.“

Свлечишта го забавија сообраќајот на автопатот „Струма“ кон Софија, каде е воведено ограничување од 60 км/ч. Сообраќајната полиција предупредува за внимателно возење.

Граѓаните се повикуваат на максимална внимателност и да ги следат инструкциите на надлежните органи.

Националниот институт за метеорологија и хидрологија издаде црвен аларм за обилни врнежи за регионот на Петрич, Сандански и Струмјани. Портокалови и жолти предупредувања важат за поголем дел од јужна и западна Бугарија.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни