Мексико во жалост: Поплавите одзедоа над 70 животи, спасувачите сè уште бараат преживеани

Катастрофални поплави и свлечишта ги погодија централните и источните делови на Мексико, при што досега загинаа најмалку 76 лица, а 27 се водат како исчезнати, соопштија властите во понеделникот.

Повеќедневните обилни дождови предизвикаа уништување на патишта, мостови и цели населби, оставајќи околу 120 заедници целосно отсечени од остатокот на земјата, изјави мексиканската претседателка Клаудија Шајнбаум на прес-конференција.

Најпогодени се државите Идалго и Веракруз, каде што свлечиштата и надојдените реки уништија десетици патишта и домови.
Во планинските области на Идалго 65 населени места останале без пристап до патна инфраструктура, што ја отежнува доставата на храна и медицинска помош.

Во Веракруз, на брегот на Мексиканскиот Залив, поплавите достигнале историски нивоа, а неколку реки се излеале за само неколку часа поради наглото зголемување на нивото на водата.

„Реакцијата на вонредната состојба сè уште не е завршена. Продолжуваме со спасувачките операции и дистрибуцијата на помош,“ изјави Шајнбаум.

Повеќе од 12.700 припадници на армијата и морнарицата се распоредени во најпогодените региони.
Изолирани заедници добиваат помош со хеликоптери и чамци, бидејќи многу патишта се непроодни поради свлечишта.

Мексиканската влада објави дека ќе исплати прва транша од финансиска помош во износ од 466 милиони евра за приближно 100.000 семејства погодени од поплавите.

Според метеоролошката служба на Мексико, екстремните врнежи биле предизвикани од тропска депресија што се формирала над Мексиканскиот Залив и се судрила со ладен фронт од северот.
Таквата комбинација на атмосферски услови довела до рекордни врнежи кон крајот на сезоната на дождови.

Властите апелираат до жителите на погодените области да не се враќаат во своите домови сè додека не биде завршена проценката на стабилноста на теренот, бидејќи постои опасност од нови свлечишта и излевање на реките.

Извор: N1info.rs

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни