Поплави во Кичевско и Гостиварско: Евакуирани 180 лица, спасувачки акции на терен

На терен интервенираат екипи од ОВР Кичево, јавното претпријатие „Комуналец“ и други надлежни служби од општините

Обилните дождови што ја зафатија Македонија во текот на ноќта предизвикаа сериозни поплави во Кичевско и Гостиварско, со евакуација на десетици граѓани и интервенција на надлежните служби.

Според информациите од Центар за управување со кризи, Зајашка Река се излеала на улицата „Прилепска“ во Кичево, при што се поплавени повеќе куќи. Околу 180 лица се евакуирани и привремено сместени во спортската сала „Христо Узунов“.

Од ЦУК информираат дека засега нема животно загрозени лица, но превентивната евакуација продолжува. На терен интервенираат екипи од ОВР Кичево, јавното претпријатие „Комуналец“ и други надлежни служби. За состојбата се известени и градоначалникот на Општина Кичево и Дирекција за заштита и спасување.

Утринава, со поддршка на Црвен крст на Република Северна Македонија, на евакуираните им била доставена храна и вода. Од Скопје се испратени дополнителни тимови со ќебиња, душеци, кревети и друга неопходна помош.

Поплавите зафатиле и дел од објектите на кичевската болница, како и подрумски простории во населбата Подварош.

Поплави и во Скопје и Гостиварско

Во Скопскиот Регион пријавени се повеќе случаи на поплавени дворови и подруми во општините Гази Баба, Сарај и Бутел, при што службите преземаат мерки за санирање на штетите.

Сериозна состојба е пријавена и во Гостиварско. Поплавени се куќи во селото Беловиште, како и во населбите Циглана и Бањечница.

Во една од поплавените куќи во Беловиште биле заглавени мајка и две деца, по што веднаш биле известени ТППЕ Гостивар и ОВР Гостивар. Поплавите во овој регион се резултат на излевање на Сушичка Река и затрупани канали, меѓу кои и во селото Балиндол. Планирано е ангажирање механизација за расчистување на теренот, а состојбата ја следат претставници од локалната самоуправа и ДЗС.

Свлечиште во Тетовско и забрани за сообраќај

Во Тетовско засега нема зголемување на нивото на реките, но е пријавено свлечиште на патниот правец Тетово – село Џермо, поради што сообраќајот е во прекин.

Дополнително, од 7:45 часот утринава на патот Тетово – Попова Шапка е воведена забрана за движење на товарни возила и автобуси поради врнежи од снег.

Надлежните институции апелираат граѓаните да бидат внимателни и да ги следат официјалните информации за состојбата на терен.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни