Поплави во Кичевско: 250 лица евакуирани, нема нови излевања на реки

Надлежните служби во Кичевско продолжуваат со испумпување на вода од подрумите, 250 лица се сместени во спортската сала „Христо Узунов“. Состојбата со реките е стабилна, а патниот правец Тетово – Попова Шапка е делумно ограничен за сообраќај.

Состојбата со поплавите кои го погодија Кичевско за време на викендот, како резултат на поројни дождови, останува стабилна, а надлежните служби продолжуваат со теренски активности.

Во моментот, 250 лица се евакуирани и сместени во спортската сала „Христо Узунов“, каде им се обезбедени храна, вода и хигиенски средства.

Екипи на Јавното претпријатие „Комуналец“ и локалната Територијална противпожарна единица работат на испумпување на водата од подрумите на улиците „Прилепска“, „Пиринска“, „Први Мај“ и „29 Ноември“.

Според информациите од Центарот за управување со кризи (ЦУК), до 8:30 часот утрово нема нови пријави за излевање на реките, вклучувајќи ја и реката Вардар кај селото Форино.

Поради лошата патна состојба, на патниот правец Тетово – Попова Шапка е воведена забрана за движење на автобуси, додека за останатите возила е задолжителна употреба на зимска опрема.

Во Битолскиот Регион, преку бројот за итни повици 112 е примена пријава за поплавена куќа на улицата „Буквиски мост“. Нивото на Црна Река кај селото Новаци изнесува 310 сантиметри, а Јавното претпријатие „Македонија пат“ очекува интервенција по патниот правец од селото Сливје кон Костинци.

ЦУК нагласува дека состојбата во Кичево е стабилна, нивото на реките и водотеците континуирано се намалува, а евакуираните лица се безбедни и згрижени.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни