Обилните дождови што ја зафатија Будва во текот на ноќта и утрото предизвикаа ненадејно зголемување на нивото на водата во реката Грѓевица, која поплави десетици автомобили оставени во нејзиното корито.
Снимките од теренот покажуваат како поројот носи сè на својот пат во дел од градот што вообичаено служи како најголем паркинг во центарот, пишува
Вијести .
Овој проблем се повторува речиси секоја година со првите обилни дождови. Имено, реката Грѓевица пресушува поголемиот дел од годината, а нејзиното корито, особено во текот на летните месеци, се претвора во импровизиран паркинг за стотици возила.
Ова стана вообичаена практика бидејќи во Будванско поле, и покрај стотиците изградени згради и куќи, речиси и да нема организирани паркинг места, пишуваат црногорските медиуми. Силниот дожд создаде проблеми и во другите населби во Будва.
Во Велјови лозја, улиците се претвориле во реки, практично парализирајќи го сообраќајот и движењето на пешаците. Ситуацијата не е подобра ниту во населбата Бабин Дол, каде што бројни улици се исто така под вода.
Жителите од тој дел на Будва тврдат дека причина за честите поплави се затнатите канали што порано собирале дождовница, а кои биле закопани или оштетени за време на интензивните градби во последните години.
