Поплавите се повлекуваат, 250 лица и натаму згрижени во Кичево

Нема нови излевања во Тетово и Кичево, нивото на реките опаѓа, а службите продолжуваат со испумпување и сообраќајни ограничувања
Foto: Screenshot

По обилните врнежи од дожд и снег што во изминатите денови предизвикаа излевања и евакуации во повеќе региони, состојбата постепено се стабилизира. Според информациите од Центарот за управување со кризи, во Тетовскиот и Кичевскиот регион нема нови пријави за поплавувања, а нивото на реките и водотеците е во континуирано намалување.

Во Тетовскиот регион не се регистрирани нови излевања на реката Вардар кај село Форино, ниту на останатите водотеци каде вчера беше евидентирано поплавување. Сепак, поради врнежи од снег, од утринските часови се воведени сообраќајни ограничувања. Забрана за движење на товарни моторни возила важи на патните правци Гостивар–Стража–Кичево и Гостивар–крак Маврово–Дебар. На делницата Тетово–Попова Шапка е забрането движење на автобуси, додека за останатите патнички возила е задолжителна зимска опрема.

Во Битолскиот регион, преку бројот за итни повици 112 е примена пријава за поплавена куќа на улицата „Буквски Мост“, по што случајот е проследен до Територијалната противпожарна единица Битола за понатамошна интервенција. Нивото на Црна Река во село Новаци утрово изнесува 310 сантиметри. Во општина Долнени се очекува интервенција на патниот правец од село Сливје кон село Костинци, кој е во лоша состојба, со механизација од ЈП „Македонија пат“.

Во Кичевскиот регион нема нови поплавувања на објекти, а состојбата останува непроменета во однос на вчерашниот ден. Нивото на реките продолжува да се намалува. Вкупно 250 евакуирани лица сè уште се сместени во спортската сала „Христо Узунов“, каде им се обезбедени храна, вода и хигиенски средства. Екипи на ЈП „Комуналец“ и Територијалната противпожарна единица продолжуваат со испумпување на водата од подрумите на улиците Прилепска, Пиринска, Први Мај и 29 Ноември.

Од надлежните институции информираат дека состојбата се следи континуирано и дека службите остануваат на терен сè додека не се нормализира целосно ситуацијата во погодените подрачја.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни