Поради обилните врнежи од дожд, во повеќе региони низ државата се регистрирани поплави, излевања на реки и отежната проодност на локални патишта, информира Центар за управување со кризи. Информацијата се однесува на состојбата заклучно со 09:00 часот.
Во Тетовскиот и Гостиварскиот регион, локалниот пат меѓу селата Форино и Тумчевиште, во Општина Гостивар, е тешко прооден. За состојбата се известени надлежните општински служби и полициската станица Чегране. Забележано е и излевање на Лакавичка река во селото Мало Турчане, како и на Сушечка река во селото Горна Бањица, при што надлежните институции ја следат состојбата и се подготвени за итни интервенции.
Во Охридскиот регион, во Општина Охрид се евидентирани поплавени подруми, гаражи и дворови на повеќе локации. Локалната самоуправа и Кризниот штаб на општината постапуваат по пријавите, а реката Далјан се излеала од коритото на повеќе места, при што се поплавени голем број куќи. Службите за итно дејствување се организирани и се на терен.
Најкритична е состојбата во Општина Кичево, каде на улицата „Прилепска“ се поплавени повеќе стамбени објекти. Извршена е евакуација на околу 100 лица, кои се згрижени во спортската сала „Христо Узунов“. На терен интервенираат екипи на Црвениот крст, Дирекцијата за заштита и спасување, Регионалниот центар за управување со кризи, Територијалната противпожарна единица, ЈП „Комуналец“ и Општина Кичево. На евакуираните лица им се обезбедени храна, вода, кревети, душеци и ќебиња.
Дополнително, регистрирани се излевања на Зајашка река во реонот над стадионот „Влазрими“ и кај новото училиште „Санде Штерјоски“, како и излевање на реката Треска на земјоделско земјиште во атарите на селата Бигор Доленци, Вранешти и околината.
Во Битолскиот и Преспанскиот регион, поради зголемениот водостој на реките и излевањето на повеќе водотеци, поплавени се голем број куќи и дворни места. Во 09:00 часот е закажан состанок на Кризниот штаб на Општина Битола, со цел утврдување приоритети и координација на активностите на терен.
Од Центарот за управување со кризи апелираат граѓаните да бидат внимателни, да ги следат официјалните информации и, доколку имаат потреба од помош или забележат опасност, да пријават на бројот за итни повици 112.
