Поплави низ земјата: во Кичево евакуирани 60 лица, одрони на повеќе патишта

Обилните врнежи предизвикаа поплави на објекти и земјоделски површини, а надлежните служби интервенираат на терен низ повеќе региони.

Поради обилните дождови што ја зафатија земјата, сериозни проблеми се регистрирани на повеќе локации, а најкритична е состојбата во Кичево, каде што се поплавени неколку станбени објекти на улицата „Прилепска“. Како што соопшти Центар за управување со кризи, од безбедносни причини евакуирани се 60 лица, кои се згрижени во спортската сала „Христо Узунов“.

Според пријавите и интервенциите евидентирани до 21:00 часот на 7 јануари 2026 година, проблеми се забележани и на повеќе патни правци. На делницата Гостивар–Стража има одрони, но сообраќајот засега се одвива без прекин, додека на патот Тетово–Бањиче одроните покрај коловозот го отежнуваат движењето.

Во селото Балин Дол е регистрирано излевање на реката Вардар, при што се поплавени десет земјоделски парцели и неколку дворови. Поради зголемениот водостој, намалено е и производството на хидроелектраната „Маврово“. Во селото Форино, пак, паднато дрво во коритото на Вардар претставувало потенцијален ризик од поплава, поради што интервенирала екипа со моторна пила.

На делницата Тетово–Бањиче, кај т.н. „Цртан ѕид“, се појавиле свлечишта и одрони, но патот е расчистен со механизација и соодветно обележан. Излевања на Лакавичка и Сушичка Река се пријавени и во селата Мало Турчане и Горна Бањица, каде што е поплавено земјоделско земјиште. Според информациите од ЦУК, општината нема доволно механизација за целосна интервенција.

Проблеми има и во Битолско. Во селото Лера е регистрирана поплава кај мост со можност за ширење кон населеното место, додека во Породин е поплавена живинарска фарма. Во Општина Ресен, во селата Перово, Дремени и Долна Бела Црква, поплавени се дворови и земјоделски површини, иако реките не се излеани, а одронот кај селото Сирхан е целосно отстранет.

Во Охрид се пријавени поплавени подруми, гаражи и дворови на повеќе локации, каде што интервенирале екипи на јавните претпријатија и локалната самоуправа. На патот Охрид–Пештани, кај хотелот „Гранит“, има одрон, но сообраќајот се одвива, а целосното расчистување се очекува во наредните еден до два часа. Во Струшко, на патните правци Татеши–Мислодежда и Дебар–Струга, во тек е расчистување на свлечишта и одрони.

Од Центарот за управување со кризи информираат дека сите надлежни служби се постојано на терен и активно работат на справување со последиците од дождовите. Граѓаните се повикуваат на зголемена внимателност и на почитување на официјалните препораки.

Директорот на ЦУК, Мухамед Али, соопшти дека состојбата континуирано се следи преку дежурните екипи и Секторот за операции, и ги повика граѓаните сите забележани проблеми или потреби за помош да ги пријават на бројот за итни повици 112.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни