Попладнево ЦУК ќе испраќа СМС како тест на системот за масовно известување

Оттаму додаваат дека воспоставувањето на овој систем е национална потреба и воедно законска обврска согласно регулативите на Европската Унија

Центарот за управување со кризи (ЦУК) информира дека денес, во текот на попладневните часови, граѓаните ќе добијат тест-СМС порака преку системот cell broadcasting, со цел проверка на техничките можности за испраќање масовни известувања и аларми во случаи на кризни состојби.

„Станува збор за систем кој овозможува итни пораки да бидат испратени до сите корисници на мобилни телефони што се наоѓаат во одредена географска област, без разлика на мобилниот оператор. Целта е навремено и ефикасно информирање на населението при пожари, поплави, земјотреси, опасни временски појави или други вонредни ситуации“ велат од ЦУК.

Од ЦУК додаваат дека воспоставувањето на овој систем е национална потреба и воедно законска обврска согласно регулативите на Европската Унија, кои бараат сите земји да располагаат со механизам за масовно информирање и алармирање на граѓаните во услови на криза.

Ваква порака граѓаните добија и на 10ти јули, тогаш ЦУК испрати порака преку системот каде информираше дека во целата држава е прогласена кризна состојба за полесно справување со пожарите, како и укажување дека има активна забрана за движење во шумите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни