Попладне, кога концентрацијата опаѓа, а телото бара пауза, краткото спиење изгледа како наједноставно решение. За многумина, дремката значи момент на олеснување, подобро расположение и чувство на обновена енергија. Но токму тој „мал одмор“ често има последици кои стануваат видливи дури навечер, кога заспивањето станува потешко од вообичаено.
Природниот пад на енергијата во попладневните часови
Потребата за сон во раните попладневни часови не е случајна. Таа е дел од циркадијалниот ритам т.е внатрешниот биолошки механизам што ја регулира смената на будност и сон. Кај повеќето луѓе, овој пад на енергијата се јавува меѓу 13 и 16 часот и не мора да има врска со оброците, туку со природниот ритам на организмот.
Истражувањата покажуваат дека кратка дремка во овој период може привремено да го намали заморот и да ја подобри менталната јасност, доколку трае многу кратко и не навлегува во длабок сон.
Кога краткиот сон преминува во проблем
Проблемите започнуваат кога попладневното спиење се продолжува. По околу половина час, мозокот влегува во подлабоки фази на сон, а будењето од нив често предизвикува чувство на тежина, дезориентација и намалена концентрација. Оваа состојба, позната како инерција на сон, може да трае долго и да влијае на остатокот од денот.
Дополнително, подолгата или доцна дремка ја намалува природната потреба на телото за сон навечер, што директно го нарушува ноќниот одмор и го влошува квалитетот на спиењето.
За кого дремката може да биде корисна
Постојат групи на луѓе за кои попладневниот сон има практична улога. Работниците во смени, особено оние кои работат ноќе, често имаат нарушен ритам на спиење, па кратката дремка може да помогне во одржување на будноста и намалување на ризикот од грешки. Истото важи и за лица кои подолго време не спијат доволно поради работни или семејни обврски.
Во одредени професии и кај спортисти, дремката се користи како стратегија за подобар опоравок и фокус, но секогаш во строго контролирано времетраење.
Кај лицата кои веќе имаат проблеми со спиењето, попладневниот сон често ја влошува состојбата. Наместо да помогне, тој ја намалува потребата за сон навечер и го продолжува времето потребно за заспивање. Затоа, кај несоница, дремката најчесто не се препорачува како навика.
Каде е границата меѓу корист и штета
Попладневното спиење не е ниту целосно добро, ниту целосно лошо. Неговиот ефект зависи од времетраењето, времето во денот и индивидуалните навики за спиење. Возраста, начинот на живот и постојниот квалитет на ноќниот сон играат клучна улога во тоа дали дремката ќе донесе олеснување или дополнителен проблем.
За некои луѓе, таа останува корисен алат за кратко освежување. За други, станува причина за хроничен замор и нарушен сон. Разликата најчесто лежи во способноста да се препознае кога телото навистина има потреба од одмор – и кога е подобро тој да се остави за ноќта.
