По повеќе од шест недели поминати во Заливот, илјадници поморци заглавени на бродови во близина на Ормускиот Теснец велат дека се на работ на издржливоста, пренесува The Guardian. Додека кревкото примирје на Блискиот Исток не гарантира безбедност, дел од нив сведочат за психолошки потешкотии, страв од нови напади и чувство дека излез од оваа состојба сè уште не се гледа.
Според сведоштвата пренесени во текстот на Guardian, дел од екипажите се закотвени во близина на десетици натоварени танкери и со денови не се поместуваат. Поморци кои работат на нафтени бродови велат дека над нив повторно летале пресретнати проектили само неколку часа по договореното примирје, по што дополнително се засилиле стравот и неизвесноста.
Некои членови на екипажите веќе дале отказ и отворено порачуваат дека не се подготвени повторно да пловат низ Ормускиот Теснец. Еден поморец вели дека околу 90 проценти од неговата посада сака да го искористи правото да одбие пловидба низ опасна зона, а еден член на тимот доживеал и ментален слом, по што колегите редовно внимаваат на него.
Меѓународната федерација на транспортни работници, од почетокот на кризата примила околу 1.000 барања од поморци од 300 различни бродови. Околу една петтина од тие луѓе побарале репатријација, додека другите пријавувале проблеми со платите или со пристапот до основни потреби како гориво, храна и вода.
Дополнителен притисок создава и тоа што советите и психолошката поддршка на далечина имаат ограничен ефект кога луѓето со недели остануваат закотвени во ризична зона. Од синдикатот Nautilus порачуваат дека на овие работници не им треба само разговор, туку реално извлекување од ситуацијата во која седат, како што велат, практично како лесна мета.
Поради влошената состојба, повторно се отвора и прашањето за замена на екипажите. Според поморските правила, компаниите не смеат да ги принудат поморците да работат во опасни зони, но во пракса секогаш ќе има луѓе што, поради финансиска нужда, ќе прифатат да влезат таму каде други веќе не можат психички да издржат.