Град во американската сојузна држава Оклахома се согласи да плати оштета од седум милиони долари на поранешен осуден на смрт, откако е прогласен за невин по поминати 50 години во затвор, објавија американските медиуми.
Глин Реј Симонс (71) се смета за затвореник кој поминал најдолго зад решетки, за дело кое не го сторил. Тој бил обвинет за грабеж на продавница за алкохол и убиство на вработената, но цело време тврдел дека во времето кога се случил грабежот тој се наоѓал во Лујзијана.
Градското собрание на Едмонд минатата недела изгласа да му се плати оштета по неговата тужба против градот и поранешниот полициски детектив. Оштетата изнесува 7,15 милиони долари.
„Господинот Симонс помина трагичен период во затвор за злосторство што не го направил. Иако тоа време не може да се му се врати, спогодбата со градот ќе му овозможи да тргне напред“ изјави адвокатката на Симонс, Елизабет Ванг.
Полицијата наводно фалсификувала извештај во кој се наведува дека сведок, кој бил ранет во престрелката, го идентификувал Симонс како виновник, покрај второобвинетиот Дон Робертс. Полицијата сокрила докази кои покажуваат дека сведоците идентификувале уште две лица како осомничени.
Симонс излезе од затвор во јули минатата година, а досега доби само 175 илјади долари од државата Оклахома за погрешната пресуда.
Тој во затвор помина 48 години, еден месец и 18 денови, што е најдолго време што некој невин поминал зад решетки во САД.
Симонс и Робертс биле осудени во 1975 година за убиство на работничката во продавницата и изречена им била смртна казна. Нивните казни во 1977 година биле преиначени во доживотна робија, без можност за помилување.
Робертс бил пуштен на условна слобода во 2008 година.
Извор: Б92