Сашо Богојевски и Небојша Димиќ помеѓу километрите и предизвиците: Приказната за Македонците кои ги освојуваaт светските маратони

Трчањето не е само спорт – тоа е борба со себеси, дисциплина, страст и доказ дека границите постојат само во умот. Сашо и Небојша, иако аматери според дефиниција, се вистински примери за што значи посветеност и истрајност. Нивните приказни ни покажуваат дека секој чекор е лична победа, а секоја патека – нова лекција. Во свет полн со брзини и прекини, трчањето останува едно од ретките нешта што нè враќаат кон суштината. Кон себеси. И затоа не станува збор само за километри, туку за карактерот кој се гради по пат.

Трчањето не е само спорт , тоа е начин на живот, борба со себеси, патување низ болка и радост и доказ дека човечкото тело и ум можат многу повеќе отколку што мислиме.

Во ова заедничко интервју разговараме со Сашо Богојевски – државен шампион во маратон и скајранинг и Небојша Димиќ – човек кој прв го претстави македонското знаме на сите седум светски големи маратони. Двајцата аматери по дефиниција, но професионалци по дух, издржливост и страст.

Нивните патеки се различни, но целта е иста: да покажат дека границите постојат само во умот.

Трн: Како започна вашата приказна со трчањето – што ве инспирираше да се впуштите во маратони?

Сашо: Мојата приказна со трчањето започна пролетта 2017 година. Сосема случајно, излегов на кеј да и правам друштво на сопруга…….По неколкуте кратки тренинзи почуствував дека јас сепак можам многу повеќе од тоа, и  подолго и побрзо и тоа без голем напор… Секој следен тренинг беше со по некој  километар плус. Започнав страмежливо на трките од 5к на кеј, за полека да сфатам дека мене сепак најмногу ми лежат долги трки односно маратони.

Небојша : На почетокот не можев да сфатам – што ги тера луѓето што ги познавам да стануваат рано и да трчаат, без некоја очигледна цел или итност да стигнат некаде? Ги гледаш – изморени, испотени, а сепак упорно трчаат, како да извршуваат некој ритуал. Тоа ме заинтригира. Сакав и јас да пробам. А посебно мотивирачки беше кога се видов на фотографија на која не можев да поверувам дека сум јас и колку простор зафаќам :). И беше неверојатно тешко. Тоа беше пред 8 години, но го паметам почетокот како да беше вчера. Многу значи подршката од тие кои што веќе трчаат. Желбата да отидеш подалеку и побрзо. Секој ден да си подобар од претходниот.

Трн: Се сеќавате ли на вашиот прв маратон? Какво искуство беше тоа?

Сашо: Почнаа да се редат трки на 5к, 10к, полумаратони во државава и во соседните земји и веќе следната година 2018 решив да се пријавам на некоја од позвучните трки во регионот. Се одлучив за полумаратон во Љубљана. Тогаш несвесен за разликата помеѓу полумаратон и маратон решавам во последен момент да направам промена и сепак во Љубљана да ја истрчам кралската 42ка.

Чувствата пред и после маратонот во Љубљана ми беа некако измешани. Стазата беше предолга како за почетник, јас сепак до тој момент трчав само 18 месеци и најдолга истрчана должина ми беше 30к.  Може да се рече дека апсолутно не знаев што и како да јадам пред, за време и после маратонот; до тој момент јас мислев дека трчањето е само врзуваш патики и тргаш, па едноставно кажано првото искуство ми беше одлично хорор искуство. 🙂 🙂 Од една страна очекувано преморен, со болки по целото тело, од друга страна пресреќен дека од прва успеав да ги истрчам тие 42к и да влезам во 1% од светската популација што истрчала маратон.

Небојша: Секако, незаборавниот Сиетл маратон 2017. Без претходен маратонски тренинг низ улиците на Сиетл кој е ридест град. Неверојатно искуство за да ги тестираш сопствените граници на издржливост. Не се сеќавам на многу делови од маратонот. Знам дека ми беше тешко да се движам по скали скоро цела недела.

Трн: Дали носите симболи, знамиња или обележја на Македонија кога трчате на меѓународни настани?

Сашо: Секако. На сите дресови со кои трчам надвор стојат името на Македонија и знамето. Мојата поддршка е секогаш покрај патеката со македонското знаме во едната и камера во другата рака.

Небојша: На маичката гледам да имам неко одбележје на Македонија, или кога одиме со други маратонци од Македонија секогаш имаме знаме.

Трн: Како реагираат луѓето кога ќе слушнат дека сте од Македонија?

Сашо: Трчачката заедница е многу интересна – секој гледа да најде нова земја со интересна трка, па така многу често луѓе што не ја знаат нашата земја ме распрашувале каде е, луѓе кои ја знаат најчесто се распрашуваат за трки во нашата земја – како може најбрзо да стигне тука, каква е патеката и слично. 

Небојша: Многу луѓе надвор од Европа не слушнале за Македонија. Ми преставува посебно задоволство да им кажам од каде сум и каде е нашата земја. Ми се случи еднаш пред почетокот на трката на стартната линија, момчето кое стоеше до мене, од Соединетите Американски Држави да го познае нашето знаме и да ми раскажува за Македонија и нашата историја. Бев многу пријатно изненаден. Светските големи маратони имаат некогаш и околу 50 000 учесници.

Трн: Кој маратон ви оставил најголем впечаток – и зошто?

Сашо: Ова мора да признам е тешко прашање, со оглед на тоа што имам истрчано доста маратони. Секој е приказна за себе, и за секој ме врзува по некој драг спомен. Се уште сум под силни позитивни импресии од маратонот во Сиднеј кој го истрчав пред нецели две недели, но Берлинскиот маратон ми е посебно драг како прв во низата мејџор маратони, Чест е да се трча на Бостонскиот – маратон со најдолга традиција, Њу Јоршкиот маратон – од отварањето кое е налик на отварање на Олимпијада, трчање по мостови и улици низ петте големи населби, со одлична публика и спектакуларен финиш во Централ Парк во кој 2023 ја добив и посебната медала за комплетирани 6 мејџор маратони. Лондонскиот кој се вбројува во маратони со најмногубројна публика, старо и младо е на улиците, те бодрат сите што успеваат да ти го прочитаат името на дресот и секако за мене посебен момент беше учеството на светското првенство во возрасни категории во склоп на овој маратон во 2022 на кој ја имав честа да бидам на иста сцена и да добијам награда од во тој момент носителот на рекордот во маратонско трчање Елиуд Кипчоге

Небојша: Најголем впечаток ми остави маратонот во Бостон, кога го трчав првиот пат. Маратонот во Бостон е најпрестижен за сите кој се внесени во трчањето на долги патеки. Не е лесно да се земе учество бидејќи треба да ја исполниш временската норма за твојата старосна група  на некој претходен маратон кој што е сертифициран за квалификација на Бостон маратон. Треба да се вложи вистински напор и да се тренира многу за да се учествува на маратонот во Бостон.

Трн: Имате ли маратонски сон што сè уште не сте го реализирале?

Сашо:  Би сакал да истрчам по еден маратон на секој континент (иако мојата првична желба беше да ги истрчам маратоните во сите главни градови на бившите Југословенските републики, но работите многу брзо се сменија односно апетитите пораснаа)…. Се надевам дека многу скоро ќе успеам да застанам на стратните линии на некој од маратоните во Африка или Јужна Америка  .

Небојша: Мојот сон беше да ги истрчам сите шест светски маратони од групата Абботт (Abbott World Major Marathons). Тоа се Бостон, Чикаго, Њу Јорк, Берлин, Лондон и Токио. Оваа година се додаде и Сиднеј на листата. Така да сега се седум големи светски маратони. Јас само што го завршив и седмиот во Сиднеј оваа година. Со Сашо Богојевски кој веќе е суб елитен Македонски маратонец, наша Македонска гордост, станавме првите двајца Македонци  кои ги истрчале сите седум големи светски маратони.

Трн: Кој е најголемиот предизвик со кој сте се соочиле како аматерски маратонци?

Сашо:  Најголем предизвик за мене како аматер трчач секако е тоа да успеам да одржам баланс помеѓу секојдневните семејни и работни обрски и потребите за редовен тренинг за да ја одржам и во рамките на можностите да ја подобрувам мојата форма. Со оглед на мојата возраст и целите кои си ги поставувам, ова последново и не оди баш така лесно .

Небојша: Најголеми предизвици се повредите пред трката, временските услови и секако психичката спремност да го издржиш маратонот. Многу често очекувањата се различни од тоа што може реално да се постигне на трката.

На една од трките дехидрирав целосно на триесетиот километар и завршив со часови на страна од патот, бидејќи не ги прилагодив очекувањата со временските услови и телото почна да откажува. Не можев да следам права линија и почнав да губам рамнотежа.

Трн: Што ве мотивира да продолжите особено во тешките моменти за време на трките?

Сашо: За да бидеш маратонец потребно е многу откажувања и пред се дисциплина, во животот, тренинзите, исхраната. Па така кога ќе дојдат тешките моменти на една трка и кога се колебам дали да се откажам или да продолжам прво нешто што ми се врти во глава е  што се сум направил за да бидам таму во тој момент и на таа патека, потоа тука е мојата фамилија која секогаш и без иклучок ме прати и поддржува, па магично се појавуваат да ме бодрат како да знаат кога ми е најпотребно – и така главата горе, стегни заби и право на финиш!  

Небојша: Многу често си го поставувам прашањето “ Дали целата оваа мака вреди?” посебно во втората половина од маратонот, некаде околу триесетиот километар. Најчеста мотивација е семејството и целиот труд вложен во сите трчања  како дел од подготовките.
Си го поставувам прашањето „Дали вреди сета мака?“ – но потоа се сетувам на вложениот труд, на семејството и целиот труд вложен во сите трчања  како дел од подготовките.

Трн: Дали некогаш си размислувал да се откажеш – и што те спречило?

Сашо: Откажување од трка – до сега на моја среќа само еднаш поради тежок стомачен вирус.  Откажување од трчањето – трчањето за мене е здравје и се додека ме држат нозе и ум – се гледаме секое утро на кеј или на Водно! 

Небојша: Ох да. Многу пати, посебно кога знам дека не можам да го исполнам она што сум го замислил. Ме спречиле одговорноста кон блиските кои што се секогаш на крајот да ме дочекаат, искуството а и разочарувањето кое би ме очекувало после завршување на настанот ако не успеам да ја поминам целта. Преку заедничката желба за трчање имам направено многу пријателства кои ми се посебно драги. Луѓе со кои што комуницираме скоро дневно, си помагаме, се смееме а  некогаш и се натпреваруваме.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни