Помеѓу носталгија и иднина: Чаршијата не умира, но дали некој навистина се грижи за неа?

Рано утро, кога калдрмата е сè уште влажна и дуќаните уште не се отворени, чаршијата е поубава од сите фотографии. Тивка е, мирна и длабока. Во тие моменти разбираш зошто луѓето велат дека ова е душата на Скопје. Душата е тука. Само чека некој да се погрижи за неа.

Постојат места кои паметат повеќе отколку луѓето. Скопската чаршија е едно од нив. Чекориш по калдрмата и под нозете чувствуваш векови, не метафорично, буквално. Првите документирани податоци за постоење на трговски центар на ова место датираат уште од XII век, а во времето на отоманското владеење, просторот забрзано прераснал во најголем трговски дел од градот. Во својот зенит, во периодот на XVI и XVII век, чаршијата се развила во една од најголемите ориентални чаршии на целиот Балкан.

Патописците кои ја посетувале во XIX век оставиле записи кои денес звучат речиси неверојатно. Во неа успешно работеле од 50 до 90 различни видови занаети, здружени во силни еснафски здруженија и поделени во одделни помали чаршии. Имало Ковачка, Ќурчиска, Казанџиска, Јорганџиска, секој занает со своја улица, свој еснаф, свој печат и своја гордост. Само кожарите во Скопје броеле 700 мајстори кои изработувале кожи познати под името скопски кордован, цениети низ целото Отоманско Царство.

Денес на тоа место се кафулиња.

Духот на чаршијата живее

Не треба да бидеш историчар за да ја почувствуваш контрадикцијата на чаршијата денес. Таа е место за сè, за шетање, пазарење, танцување до рани утрински часови, за кафе со пријатели, за ручек со семејството. Безистенот, Даут-пашиниот амам, Капан ан, Сули ан…убавината ја даваат токму тие градби, а срцето на чаршијата е Безистенот, некогаш збирно место на трговци од сите краишта на Македонија и подалеку, а денес збир на кафулиња со најдобриот чај.

Но зад оваа поетична слика стои поинаква реалност. Тие сеќавања на вревата и метежот одамна исчезнале, денес, место познатите занаети, никнуваат кафулиња. Многу традиционални занаети кондураџискиот, абаџискиот, терзискиот, срмаџискиот почнале да изумираат уште кон крајот на XIX век со навлегувањето на евтините индустриски производи. Она што не го направи индустријата, го доврши занемарувањето.

Институциите ветуваат, чаршијата чека

Со Законот за Старата скопска чаршија од 2008 година, таа е прогласена за културно наследство од особено значење, а во 2010 година започна петгодишна програма за ревитализација.На хартија изгледа одлично. Во реалноста, резултатите се скромни.

И денес, политичарите ја опишуваат чаршијата како „задушена од нечистотија, административен хаос и институционална негрижа.” Ветувањата се редат, од ви-фи зони, обнова на дуќани, школи за занаети, финансиска поддршка за нови мајстори. Чаршијата не е само пазар, таа е душата на Скопје сведоштво на вековна традиција, на занаети кои се пренесуваат од генерација на генерација.

Музејот на Старата скопска чаршија, сместен во Сули Ан, е вистински доказ за богатото минато, преку монети, керамика и етнолошки артефакти ги чува занаетите кои одамна не постојат. Туристите излегуваат фасцинирани. Но музејот не може да го замени живиот занает.

Помеѓу носталгија и иднина

Прашањето не е дали чаршијата има историска вредност, тоа го знае секој. Прашањето е дали имаме волја да ја зачуваме онаа автентичност која е сè потешко да се најде. Зашто чаршијата може да преживее уште еден земјотрес, уште еден пожар, уште една војна, таа ги преживеала сите тие, и секој пат е обновувана. Но тешко дека може да преживее ако ја претвориме во туристичка атракција без содржина.

Рано утро, кога калдрмата е сè уште влажна и дуќаните уште не се отворени, чаршијата е поубава од сите фотографии. Тивка е, мирна и длабока. Во тие моменти разбираш зошто луѓето велат дека ова е душата на Скопје.

Душата е тука. Само чека некој да се погрижи за неа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни