Помеѓу екранот и допирот

Во последниве месеци имам неколку домови. Среќа во овој живот ми се паднаа најпрекрасни пријатели, без кои не знам ни дали ќе бев сè уште жива, па така нивните домови можат да се и мои домови. А и веќе се договоривме нели дека домот не се ѕидовите туку чувството – мирот што го носиме во себе.

Еден од прекрасните сончеви амстердамски денови, не дека дождливите не ми се исто толку прекрасни, излегувам без план но со новата цел на 5-7000 чекори дневно низ паркот во маало. Додека му се воодушевувам на ова општество, по некоја 1000-ка ме фаќа невреме на снег-град-ветар. Ова ‘невреме’ за холанѓаните си е само нормално време, ама во мојот mindset друга беше идејата.
Сега дури и си се смеам сама на себе, колку е непредлив животот па камо ли времето.

Една од двете омилени изреки што длабоко си ги имплементирав во постоењево од шведското живеење, е дека не постои лошо време, постои само лош избор. Ова може да си го воочиме и во многу различни аспекти кога животот не нè прашува дали сме спремни.
(За втората, ќе ви раскажам на по долго во следна прилика).

Така, јас и мојот лош избор на облека одлучуваме да седнеме во кафетерија на свежо испечено капучино. Како што го обожавам овој мирис, така и ги обожавам овие дејтови сама со себе и често си ги договарам, дури и во Скопје, каде што сè уште, да, во 2026-та, е чудна ситуација за повеќето. Од другата страна, и јас се чудам, како може да не сме во допир со себе, да си бидеме друштво на самите себе и да си ја уживаме таа пијачка или ручек во својата тишина. Напротив, тишината нè прави немирни. Погледите на другите нè прават несигурни. Па посегнуваме по телефонот, само за да не изгледаме „сами“. Да седиш сам не значи дека си осамен, ниту бара оправдување. Навикнати сме постојано да споделуваме моменти, а ретко да ги доживуваме.

Додека си го уживам ‘fika’ моментот на кафе и колач, и на топло, на заедничка долга маса со уште десетина луѓе, си блеам низ просторијава, која е дел од стара поранешна фабрика за гас од 19ти век, ми приоѓа една госпоѓа и ми вика: ‘Girl, you are doing it right, enjoy it’. Нормално, ѝ возвраќам со мојата задоволителна насмевка: ‘I know, thank you’. Веќе ми е денот победа, а не сум ни до пола.

Го расчепкувам телефонот за inspo на what to do next, гледам Banksy музејот на 5 минути. Уште една победа! Плаќам, се облекувам, излегувам надвор плаво небо, сонце, се стопил снегот-град. Typical Amsterdam 🙂
Иронично, токму преку екранот што постојано го преиспитувам, ме води кон уметност што зборува против него.

Banksy е британски уличен уметник и анонимна фигура во современата уметност, познат по провокативни графити и визуелни пораки кои коментираат политика, општествени неправди и културни теми. Неговите дела се често сатирични, хумористични и едновремено длабоко критички, предизвикувајќи размислување за светот околу нас. Мислам дека секој од нас ќе препознае некое од неговите дела како фотографии што сме ги сретнувале online, но јас сакам да ви раскажам за оние што мене ме допреа.


‘Mobile Lovers’ иако нацртана во Бристол, Англија, е слика што ја гледаме многу често и пред нас. Делото зборува за тоа колку сме дисконектирани од себе а со тоа и со другите. Иако се две тела блиску, присуството е тотално отсутно. Во овој пример лесно ќе се препознаеме сите – и себеси, и другите околу нас. Со моите очи, а сигурно и со твоите, од моето искуство, а можеби и од твоето, она што изгледа како љубов не секогаш е начинот на кој љубовта навистина постои. Колку често сме физички присутни, но ментално и емотивно расфрлани насекаде.

Колку често сме навистина тука? Со себе. Со другиот. Со животот.
Дали во односите, и не само партнерски, поврзаноста постои само на површината?
Колку близината, почитта, љубовта постојат и offline? И дали конечно ќе сфатиме дека животот ни лета додека ние се занимаваме со нашиот ‘public figure’?

Тука останува да виси и прашањето дали технологијата нè оддалечи или ние се отргнавме едни од други. Дали времето во кое живееме нè обликува, или ние самите го избираме начинот на кој ќе постоиме во него? Можеби проблемот не е во алатката, туку во тоа што забораваме како да се гледаме во очи.


‘Girl with balloon’ е едно од најпознатите дела на Banksy, и токму затоа што изгледа едноставно , носи огромна тежина. Додека ме работат емоции на нежност, невиност, надеж, ми поминуваат нејасни мисли дали балонот се пушта или можеби се губи, ме меле и самата двосмисленост, дали девојчето се откажува од љубовта или учи дека ништо убаво не може да се поседува засекогаш. Како да ми кажува дека емоциите се секогаш најгласни. Како да ми зборува за надежта, но не онаа наивната, туку онаа што постои и кога нешто си заминува. И можеби токму тука е најсилната порака, дека љубовта, детството, соништата, не се нешта што треба да ги држиме со стегнати раце туку нешта што треба да ги пуштиме, со ризик да исчезнат, но и со можност повторно да се појават, во нов облик. Ова тивко искрено дело ми е потсетник дека ранливоста е дел од човечкото искуство и дека токму во пуштањето се крие најголемата сила.



‘Media At War’ е онаа што најмногу ме допре. Живееме во време кога болката станува содржина. Трагедијата станува кадар, емпатијата најчесто перформанс. Наместо да помогнеме, ние документираме. Можеби затоа и ова дело најмногу боли, затоа што не зборува само за војна или катастрофа, туку за несвесноста што ја имаме кон туѓата болка. Колку сме веќе навикнати страдањето да го доживуваме преку екран и да скроламе понатаму. Не сме веќе сведоци, станавме гледачи. Во свет каде што сè се снима, најретко е да се биде навистина тука. Не нè оттурна екранот, ние одбравме да стоиме зад него.

Од една во друга приказна, суштината останува иста. Физички сме тука, емотивно сме изгубени. Се држиме цврсто за луѓе, за слики, за верзии од себе, убедени дека ако контролираме доволно, ништо нема да ни избега. Но љубовта не се живее преку филтер, надежта не се задржува со стегање, а туѓата болка не се разбира преку екран. Во обидот да бидеме видени, почнавме да забораваме како да бидеме присутни. И додека животот не чека да објавиме дека сме тука, тој се случува без нас.

* Колумните се лични ставови на авторите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни