„Помало“ – уметноста на бавното живеење по хрватски рецепт

Во Дубровник, животот не се мери со часови, туку со длабочината на здивот.

Таму, меѓу камените ѕидини на Стариот град и тиркизните бранови на Јадранот, владее едно едноставно правило: „помало“ – полека, без брзање, без притисок, со насмевка и чаша вино во рака.

За локалците, „помало“ не е само збор, туку филозофија на животот. Таа вели дека најубавите работи се случуваат кога ќе го намалиме ритамот – кога ќе го оставиме телефонот, ќе се загледаме во морето и ќе дозволиме сонцето да ни ја загрее душата. „Стануваме помало, пиеме кафе помало, јадеме помало, живееме помало,“ вели Иван Вуковиќ, туристички водич од Дубровник кој со еден здив ја објаснува суштината на далматинскиот дух.

Времето што тече побавно

Во старите камени улици, каде што секое утро мириса на еспресо и морски воздух, денот не започнува со аларм, туку со првото „добро утро“ од соседите. Кафето трае со часови, разговорите никогаш не се прекинуваат, а ручекот е мал семеен празник.

„Помало“ е, како што вели професорката Деша Карамехмедовиќ, начин на гледање на животот – присутност во моментот и уживање во малите нешта. Тоа не е исто со италијанското dolce far niente – ова е нешто подлабоко, потивко, природно, вкоренето во ритамот на морето и благиот поветарец што шепоти низ маслиновите дрвја.

Ден без агенда

Новинарката Кристин Вуковиќ, која со години се враќа во земјата на своите предци, решила конечно да ја живее филозофијата на „помало“. Без планови, без итинерар, само билет и отворено срце.
Нејзиниот ден започнува со појадок на тераса со поглед на Дубровник, со чаша кафе и свежи смокви. Потоа – пливање во Јадранот, ручек со пријатели, разговори што се протегаат до зајдисонце. Никаде нема брзање, ниту стрес.

Убавината на едноставното

„Помало“ се чувствува во секој агол на Далмација – во бавниот ручек со шпорки макарули, во морската сол што останува на кожата по капењето, во прошетките низ Конавле и во долгите вечери со пријатели. Тоа е уметност на живеење што ги поврзува луѓето, ги враќа во сегашноста и им напомнува дека убавината не е во големите планови, туку во малите моменти.

Како што велат Дубровчани:
„Помало, ѓаволот нека ја носи брзината.“

И навистина – во светот што секогаш брза, можеби токму Хрватска го чува лекот што сите го бараме: да застанеме, да здивнеме и да уживаме во животот – помало.

Извор: BBC

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни