Полскиот премиер го нарече викенд-инцидентот на железничката линија близу Варшава „акт на саботажа“

Железничка линија што ја поврзува Варшава со југоисточна Полска беше оштетена во експлозија за време на викендот, што премиерот Доналд Туск го оцени како „невиден акт на саботажа“.
epa11844253 Polish Prime Minister Donald Tusk speaks during a debate on 'Presentation of the programme of activities of the Polish Presidency' at the European Parliament in Strasbourg, France, 22 January 2025. The EU Parliament's session runs from 20 till 23 January 2025. EPA-EFE/Piotr Nowak POLAND OUT

Туск, кој во понеделникот го посети местото на настанот кај местечкото Деблин, изјави дека оштетената рута е „критично важна за доставување помош до Украина“.

„За жал, најлошите стравувања се потврдија“, соопшти премиерот. „Настанал акт на саботажа на рутата Варшава–Лублин. Експлозија ја уништи железничката пруга.“

Инцидентот бил забележан откако машиновозач од линијата меѓу Варшава и Лублин пријавил неправилности на шините околу 7:40 часот во неделата. Подоцнежните проверки утврдиле оштетување на дел од пругата во близина на селото Мика, околу 100 километри југоисточно од Варшава. Сè уште не е јасно дали експлозијата се случила доцна во саботата или рано во неделата. На возот имало двајца патници и неколку членови на персоналот, но повреди не се пријавени.

Министерот за одбрана Владислав Кошиниак-Камиш соопшти дека армијата ќе го испита 120-километарскиот дел од линијата Варшава–Лублин–Хрубјешов, која претставува важно железничко и патно поврзување со Украина.

Началникот на Генералштабот, генерал Виеслав Кукула, изјави за Полско радио дека инцидентот бил намерен, но не наведе можни сторители. Според него, „противникот започнал подготовки за војна“, создавајќи средина во која се подрива довербата во државните институции, вклучително и армијата и полицијата. Тој предупреди дека се создаваат „услови погодни за можна агресија на полска територија“.

Националното биро за безбедност (BBN) оцени дека ситуацијата е сериозна и бара „специјален надзор и веродостојна комуникација“ од сите вклучени институции.

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, во објава на Х, предупреди дека „заканите за нашата безбедност се реални и растат“ и повика Европа итно да го засили капацитетот за заштита на небото и критичната инфраструктура.

Во меѓувреме, во неделата се случил и втор инцидент. Воз на рутата Швиноушче–Жешов бил принуден да застане околу 50 километри од Лублин, откако биле оштетени електричните кабли што го напојуваат. На него имало 475 патници, но нема повредени. Министерот за внатрешни работи Марчин Кервински соопшти дека случајот се истражува.

Полските власти од 2022 година имаат уапсено десетици лица под сомнение за саботажа и шпионажа, по инвазијата на Русија врз Украина.

Извор: Euronews

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни