Полски воени авиони беа кренати и пресретнаа руски извидувачки авион Ил-20 над меѓународниот воздушен простор на Балтичкото Море.
Како што соопшти полската армија руското летало било без поднесен план на лет, со исклучен транспондер и без радио-контакт, што автоматски се третира како ризично однесување во зона во која НАТО е на висока готовност. Истовремено беше нагласено дека рускиот авион не навлегол во полскиот воздушен простор.
Инцидентот се случил на 28 октомври, а бил објавен на 29 октомври 2025 година.
„Заштитата на полскиот воздушен простор не е само должност, туку и секојдневна мисија на војниците на полските вооружени сили, кои ја штитат безбедноста на нашата земја со целосна посветеност“, соопшти полската армија на X.
Земјите на НАТО редовно ги подигаат борбените авиони како одговор на сомнителна руска воздушна активност во меѓународниот воздушен простор. Во последните месеци, европските сојузници, исто така, пријавија руски беспилотни летала и авиони кои навлегле во нивните граници.
Иљушин Ил-20 е извидувачки авион од советската ера дизајниран за електронски надзор, кој сè уште го користат руските вооружени сили.