Полски пратеник тврди: ТНТ неопходен за одбраната на Европа завршува во Газа преку американски договори

Европа се соочува со недостиг од ТНТ потребен за сопствената одбрана и за поддршка на Украина, затоа што единствениот европски производител значителен дел од производството го извезува во САД, од каде според тврдењата експлозивот потоа се проследува за употреба во израелските напади врз Газа, изјави полскиот пратеник Мачеј Кониечни.

Кониечни, член на левичарската партија Разем, рече дека полската фабрика Нитро-Кем, која е дел од Полската група за вооружување, не може да одговори на барањата за ТНТ бидејќи последователните договори со Вашингтон ја обврзуваат голем дел од производството да испорачува во САД. Тнт произведен во Полска се користи при изработка на различни типови американска муниција, меѓу кои и 2.000-фунтовата бомба MK-84 и 550-фунтовиот продорен проектил BLU-109 за кои Израел е обвинет дека ги применува во Газа.

САД без сопствено производство на ТНТ

САД моментално немаат капацитет за домашно производство на ТНТ, па недостигот доведе до одлука да се изгради фабрика во Кентаки. Според Кониечни, овој вакуум го прави Нитро-Кем клучен снабдувач:

„Полскиот ТНТ се извезува целосно во странство, а бомбите направени со него паѓаат врз невини цивили во Газа и Јемен,“ изјави тој за „Гардијан“.

Тој предупреди дека како резултат на договорните обврски, Полска нема доволно ТНТ за сопствените одбранбени потреби, резервите би траел само еден месец во случај на вооружен судир. Истовремено, недостасува и експлозив за снабдување на артилериските гранати што ѝ се потребни на Украина.

„Потребно е целосно појаснување дали за Газа се издвојуваат приоритетни количини на сметка на европската одбрана, и дали тоа е барање упатено од САД кон полската влада,“ рече тој. Прашањето го покрена и во полскиот парламент.

Половина од производството од 10–12 илјади тони годишно оди во САД

Производството на фабриката се проценува на 10.000–12.000 тони ТНТ годишно, а околу половина од таа количина е насочена кон американскиот пазар најмалку до 2029 година.

Не е познато колку од тој извоз завршува во Газа, во Украина или останува во американските воени резерви. Нема индикации дека Нитро-Кем прекршила некој закон.

Како алтернативен извор некогаш служеше фабриката „Зорја“ во Луганск, Украина, но таа се наоѓа под руска окупација. САД не смеат да купуваат ТНТ од Кина, а изградбата на нови фабрики е сложен и еколошки чувствителен процес.

Во април 2025 година, Нитро-Кем склучи договор вреден 310 милиони долари со британската фирма Paramount Enterprises Ltd за испорака на 18.000 тони ТНТ во периодот 2027–2029. Договорот беше потпишан во присуство на полскиот заменик-министер за одбрана Цезари Томчик.

Невладини организации: „Без полскиот ТНТ, размерите на нападите во Газа немаше да бидат можни“

Група палестински НВО во свој извештај тврдат дека „без полскиот ТНТ, невидениот интензитет на воздушните напади што убија десетици илјади Палестинци и ги уништија условите за живот во Газа немаше да биде можен“.

Тие наведуваат дека САД меѓу октомври 2023 и јули 2024 година ѝ испратиле на Израел најмалку 14.000 бомби MK-84 и 8.700 MK-82. Во мај 2024 година, Џо Бајден привремено стопираше дел од пратките на потешки бомби, но сите ограничувања беа укинати веднаш по доаѓањето на Доналд Трамп на власт.

Американската компанија General Dynamics одамна ја произведува серијата MK-80 во погон во Тексас, кој неодамна беше преземен од американска подружница на турската одбранбена компанија Repkon. Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган е еден од најгласните критичари на Израел, обвинувајќи го за геноцид во Газа.

Одговор од Нитро-Кем

Во официјално соопштение Нитро-Кем нагласи:
„Нитро-Кем работи во согласност со сите важечки национални и меѓународни прописи и стандарди за одбранбената индустрија. Компанијата е под постојан надзор на релевантните државни институции и ги спроведува своите активности во рамките на утврдените процедури.“

Извор:The Guardian

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни