Полска ја забрани индустријата за крзно – уште една европска земја става крај на експлоатацијата на животни

Одлуката стапува на сила во 2033 година и ќе спаси околу 3.5 милиони животни годишно. Активистите ја нарекуваат „историски чекор кон етичка Европа“.

Полска направи еден од најзначајните чекори во европската борба за заштита на животните: парламентот изгласа целосна забрана за одгледување и убивање животни за крзно, која ќе влезе во сила во 2033 година. Одлуката симболично го затвора едно од најконтроверзните поглавја во европската мода и агроиндустрија, особено ако се има предвид дека Полска беше трет најголем светски производител на крзно – веднаш по Кина и Данска.

Голем дел од европските активисти ова го нарекуваат „конечно воспоставување на границата што одамна требаше да постои“. Според проценките, забраната ќе поштеди околу три и пол милиони животни годишно – лисици, куни и чинчили – кои со децении живееја во тесни метални кафези поставени во низи како фабрички линии на страдање.

Во соопштението на организацијата „Пријатели на животните“, Влатка Балаш Черјак го опиша секојдневието на овие фарми како „мизерен живот што завршува со брутална смрт“. Животните, вели таа, често минуваат низ целиот живот во обична жилезна кутија, без ветеринарна грижа, изложени на инфекции, страв и хроничен стрес. Токму под услови како овие се извршуваат најтешките злоупотреби: животните се убиваат со електрокуција, кршење на врат или гушење со гас – методи за кои активистите велат дека не заслужуваат место во модерно општество.

Но одлуката не е важна само од етички аспект. Многу научници и ветеринари со години предупредуваат дека фармите за крзно се сериозен ризик за појава и ширење на зоонозни болести. Животни сместени премногу блиску, подложени на хронични инфекции и во директен контакт со телесни течности – тоа е, според експертите, совршена околина за создавање нови вирусни мутации. Затоа, забраната се доживува и како јавноздравствена мерка.

Општествената клима, пак, одамна се менува во корист на животните. Се повеќе модни куќи, од „Армани“ до „Гучи“ и „Прада“, го исфрлија природното крзно од своите колекции, а јавноста низ Европа веќе со години гласно го отфрла производството на крзно како непотребна и сурова практика. Полска, со оваа забрана, испраќа порака дека Европа не само што се менува, туку и дека мора да остане доследна на своите вредности: почит, одржливост и човековa – но и животинска – етика.

Организациите за заштита на животните сега бараат логичен следен чекор: забрана на целата индустрија за крзно на ниво на Европската Унија. Според нив, ваквото одгледување нема место во 21 век, кога постојат современи и еколошки одржливи материјали – од еко-крзно до рециклирани и растителни влакна кои се подеднакво топли, практични и далеку похумани.

„Како граѓани, имаме избор — и тој избор сега е полесен од кога било“, порачуваат активистите. „Денес постојат материјали што не бараат жртва. Ништо не грее подобро од добрина.“

Полска, со својата одлука, ја вклучува Европа во иднина во која модата, етиката и одржливоста не се спротивставени, туку поврзани. А тоа е чекор што многумина одамна го очекуваа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни