Полска ќе го затвори рускиот конзулат во Краков откако пронашла докази дека Москва стои зад големиот пожар кој речиси целосно го уништи трговскиот центар во Варшава во мај 2024 година, изјави денеска полскиот министер за надворешни работи.
Веќе напнатите односи меѓу Варшава и Москва достигнаа ново ниво по руската инвазија на Украина во 2022 година. Полска тврди дека нејзината улога како еден од најважните поддржувачи на Киев ја направила цел на руски саботажи, сајбер напади и дезинформациски кампањи – обвинувања што Москва ги негира.
Вчера премиерот Доналд Туск изјави дека Полска „со сигурност“ знае дека руските тајни служби стојат зад големиот пожар на улицата Маријвилска во главниот град.
„Поради доказите дека руските специјални служби извршиле неприфатлив акт на саботажа врз трговскиот центар на улицата Маријвилска, одлучив да ја повлечам согласноста за работа на Конзулатот на Руската Федерација во Краков“, напиша министерот за надворешни работи Радослав Сикорски на мрежата X.
Руски одговор
На тоа руското Министерство за надворешни работи соопшти дека Полска намерно ги прекинува односите со Москва, пренесе државната новинска агенција РИА.
„Варшава и понатаму намерно ги уништува односите, постапувајќи против интересите на своите граѓани“, изјавила портпаролката на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова. Таа додаде дека Русија наскоро ќе даде „соодветен одговор“.
Претходни дипломатски инциденти
Во октомври Полска објави дека ќе го затвори рускиот конзулат во Познањ поради сомневање за руски обиди за саботажа. Русија, како одговор, го затвори полскиот конзулат во Санкт Петербург.
Освен во Краков и Познањ, Русија има конзулат и во Гдањск и амбасада во Варшава.
Во март, литванските обвинители ја обвинија руската воена разузнавачка служба за организирање на подметнување пожар во продавница на ИКЕА во Вилнус, кој избил три дена пред пожарот во трговскиот центар во соседна Полска.
Русија негира вмешаност во подметнување пожари.