Полската лекарка гинеколог Гизела Јагелска изјави за BBC дека стравува за безбедноста на своите пациентки откако стана мета на активистите против абортус. Таа работи во болницата во Олесница, која е специјализирана за комплицирани бремености и врши легални абортуси според важечкиот полски закон.
Јагелска вели дека има добиено илјадници закани со смрт. Пред две недели, група радикални активисти, предводени од крајно десничарскиот европратеник Гжежегож Браун, влегле во болницата, ја спречиле да го напушти својот кабинет и се обиделе да ја уапсат преку таканареченo „граѓанско апсење“. На социјалните мрежи се појавија снимки на кои активистите молат и ја нарекуваат Јагелска „убиец“.
Иако била повикана полиција, активистите не биле уапсени затоа што Браун има пратенички имунитет. Министерството за внатрешни работи на Полска соопшти дека се преземени мерки за заштита на лекарката и болницата, но Јагелска нагласува дека заканите продолжиле – вклучително и дојава за бомба и објави на социјалните мрежи со нејзини фотографии облеани со „крв“.
Таа одбила лична заштита поради природата на својата работа, но има посебна телефонска линија за итни случаи. „Не се плашам толку за себе, туку за пациентките – мислам дека ситуацијата за нив е опасна“, изјави таа.
Полска има еден од најрестриктивните закони за абортус во Европа и тој е дозволен е само во случаи на силување, инцест или опасност по животот на мајката. Случајот што го поттикна конфликтот се однесува на пoдоцнежен легален абортус, извршен поради фатални фетални аномалии кои биле погрешно дијагностицирани претходно.
Иако владината коалиција на премиерот Доналд Туск ветува либерализација, напорите се блокирани од внатрешни несогласувања. Во меѓувреме, реториката станува сè поостра пред претседателските избори. Браун, кој има само 2% поддршка, е познат по антисемитски изјави и насилни постапки – во минатото бил исфрлен од полскиот и европскиот парламент.
Конзервативниот кандидат Славомир Менцен отиде дотаму што тврдеше дека абортусот треба да се забрани и во случај на силување, кое го опиша како „непријатност“.
Јагелска порачува: „Не се чувствувам како убиец, туку како акушерка што обезбедува соодветна грижа за жените.“