Проектот е дел од програмата за развојна соработка што ја води Министерството за надворешни работи на Полска, а ќе се реализира до крајот на 2024 година. Дополнителни средства за финализација ќе бидат обезбедени од Министерството за култура и туризам на Македонија, како и од физички лица поддржувачи на оваа иницијатива.
Амбасадорот Бримора изјави дека културната дипломатија е мост што ги поврзува народите, потенцирајќи ја заложбата на Полска за поддршка на културните институции на Западен Балкан.

„Нашата денешна средба во Театар Комедија е поврзана со фактот дека Амбасадата на Република Полска доби средства за реализација на два проекти оваа година, од кои еден е токму за ревитализација на театарскиот аудиториум. Се надеваме дека премиерата на претставата ‘Ивона, принцезата од Бургунд’ од Витолд Гомбрович во ноември ќе ја гледаме на новите седишта,“ – истакна амбасадорот.
Оваа донација е само дел од пошироката рамка на полската „Polska Pomoc“ програма – во 2024 година, амбасадите на Полска на Западен Балкан спровеле вкупно 17 проекти во вредност од над 220.000 евра.
Амбасадорот Бримора додаде дека неговата лична желба е Театар Комедија секоја година да вклучува барем една претстава од полски драматург, продолжувајќи ја плодната културна размена меѓу двете земји.