Според полските власти, ова е „директен чин на агресија“ кој бара меѓународна реакција.
Полскиот премиер Доналд Туск информираше дека се евидентирани најмалку 19 прекршувања на воздушниот простор од руски дронови, дел од нив пристигнале од соседна Белорусија. Според официјални податоци, идентификувани се и беспилотни летала од иранскиот тип „Шахед“, кои Русија ги користи во воените операции во Украина.
„Ова не се случи случајно“, изјави Туск, повикувајќи се на проценки добиени и од европските партнери. Неговиот став го поддржа и германскиот канцелар Фридрих Мерц, кој истакна дека инцидентот претставува „сериозна закана за мирот во Европа“.
Полските безбедносни служби досега пронашле остатоци од 16 дронови, од кои некои паднале во близина на цивилни и воени објекти, вклучително и една касарна на Територијалната одбрана во Нове Мјасто на Пилица. Еден дрон оштетил покрив на куќа во Вирики, јавија полските медиуми.
Ситуацијата предизвика дипломатска мобилизација. Претходно, Словенија, Франција, Велика Британија, Данска и Грција веќе побараа состанок на Советот за безбедност, кој се очекува да се одржи наскоро. Јужна Кореја, која претседава со Советот во септември, соопшти дека се координира датумот на средбата.
И германскиот министер за одбрана Борис Писториус изрази сомнеж дека станува збор за навигациска грешка: „За да стигнат до Украина, дроновите не мораа да минуваат низ Полска.“
Во меѓувреме, НАТО партнерите продолжуваат да го следат развојот, а Варшава потенцира дека останува во тесна координација со своите сојузници.
Извор: DW