Политико: Урсула фон дер Лајен ги надминала своите овластувања во надворешната политика

Европски дипломати ја критикуваат Урсула фон дер Лајен дека ги надминала своите овластувања и се обидува да ја преземе улогата на главен претставник на ЕУ во надворешната политика.


Неколку европски влади се незадоволни од постапките на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен, која според нив се обидува да се позиционира како главен претставник на Европската унија во надворешната политика.

Според извори на Politico, девет дипломати, функционери на ЕУ и европратеници ја критикувале нејзината активност во првите денови од американско-израелската воена кампања против Иран, тврдејќи дека ги надминала границите на својот мандат.

Како што конфликтот на Блискиот Исток влегува во втората недела, Европската унија се соочува со тешкотии да настапи со единствен став. Дел од владите сметаат дека фон дер Лајен се однесува како да ја презема улогата на шефицата на европската дипломатија Каја Калас, која формално треба да ја координира надворешната политика на сите 27 земји членки.

Во првите денови од кризата, фон дер Лајен сигнализирала поддршка за промена на режимот во Техеран и имала најмалку дванаесет телефонски разговори со лидери од ЕУ и земјите од Персискиот Залив.

Нејзините критичари тврдат дека таа повеќепати изнесувала јавни ставови кои не се во согласност со заедничката позиција на земјите членки.

Француската европратеничка Натали Лозо изјави дека била изненадена кога видела дека фон дер Лајен директно комуницира со лидерите од Заливот.

„Таа нема дипломатска служба, зборува без мандат или разузнавачки информации. Нејзините изјави имаат вредност само како личен став“, рече Лозо.

Според дипломатите, координацијата на надворешната политика на ЕУ е задача на Каја Калас, чија улога е да одржува контакти со европските престолнини и да формулира заеднички став на Унијата.

Од Европската комисија ги отфрлија обвинувањата и порачаа дека фон дер Лајен ги извршува своите должности во согласност со договорите на ЕУ.

Портпарол на Комисијата изјави дека контактите со светските лидери се дел од одговорностите на претседателката на Комисијата и дека таа покажува политичко лидерство во надворешната политика на институцијата.

Во меѓувреме, официјалниот став на ЕУ за војната во Иран, според Комисијата, бил формулиран од шефицата на европската дипломатија Каја Калас и усогласен со сите 27 земји членки.

Сепак, дипломатите предупредуваат дека активностите на фон дер Лајен може да создадат конфузија во односите на ЕУ со остатокот од светот и дополнително да ги истакнат поделбите меѓу земјите членки околу конфликтот на Блискиот Исток.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни