Search

Политико: Толку од Макрон – може ли некој да ја запре Ле Пен?

Фото: CC-BY-4.0: © European Union 2022 – Source: EP

Коцката со предвремените избори му се удри од глава на францускиот претседател Емануел Макрон, кој сега се соочува со болен избор: да ги повлече своите кандидати, со цел да ја запре крајната десница или да се обиде да го спаси тоа што остана од неговото, некогаш доминантно, политичко движење, пишува Политико.

Првиот круг од  превремените парламентарни избори беше многу лош за Макрон, кој ја освои власта пред седум години. По изборите за Европскиот парламент, тој го распушти Парламентот за брзи предвремени избори со цел да го запре вртењето на Франција кон екстремната десница, но го постигна спротивното.

Втората најголема економија и единствената нуклеарна сила во ЕУ сега е поблиску од било кога до тоа да добие крајно-десна влада за прв пат, откако партијата Национален собир на Марин Ле Пен обезбеди драстична предност по првиот круг.

Вториот круг од изборите ќе се одржи на 7 јули, а доколку тогаш Националниот собир обезбеди мнозинство, што според анкетите е возможно, Франција ќе се најде на непозната територија. Државата ќе биде водена, барем во еден дел, од политичари кои своите имиња ги изградиле со симпании кон Владимир Путин и за растурање на Европската Унија, војна против миграцијата и за излегување од НАТО.

Фото: © European Union 2016 – European Parliament

Иако партијата на Ле Пен ги омекна своите поостри ставови, сепак останува скептична кон западните политички позиции. Победа на овие избори ќе ги засили нејзините шанси за победа на претседателските избори во 2027 година.

„Можеме со луцидност да кажеме дека детоксикацијата на Националниот собир ја достигнува својата завршна фаза“, рече Бруно Каутрес, политички аналитичар од институтот Sciences Po.

„Тие победија на три европски избори по ред, а Марин Ле Пен два пати стигна до вториот круг од претседателските избори. Доколку победат на овие избори, тие ќе станат мејнстрим партија“ додаде тој.

Според резултатите од првиот круг, партијата на Ле Пен е блиску до обезбедување мнозинство, со 29,5 отсто освоени гласови во првиот круг. Според анкетите се очекува дека крајната десниац би освоила од 230 до 280 пратеници, од вкупно 577 во Нациналното Собрание.

Коалицијата на Макрон заврши трета во првиот круг со 20 отсто од освоените гласови, пред левичарскиот Нов популарен фронт, кој освои 28 отсто од гласовите.

За мнозинство во Националното Собрание се потребни 289 пратеници, а согласно расположението крајната десница би можела да се најде во позиција да формира влада за една недела, со Жордан Бардела како нов премиер.

Колку блиску ќе дојде Ле Пен до апсолутно мнозинство зависи од тоа како другите партии и Макрон ќе реагираат на нејзината победа во првиот круг. Дали ќе ги стават разликите настрана и ќе се обединат за да ја победат крајната десница?

Парламентарните избори во Франција се комплексен процес со два круга, во кој кандидатите со најмногу гласови во првиот круг одат во втор круг. Но, на овие избори излезноста беше висока, што значи дека  во 315 изборни единици и трет кандидат, најчесто од коалицијата на Макрон, влегува во вториот круг.

Кандидатите на Макрон беа елиминирани во половина од 577. изборни единици во Франција. Центристичката парламентарна група на Макрон би се намалила од 250 на околу 100 пратеници во Националното Собрание. Сега притисокот е врз тие кои останаа во трката, да се повлечат од изборните единици каде што се трети и да ги мотивираат нивните гласачи да гласаат за левичарите, каде што има и радикални левичари, со цел да се победи Ле Пен.

Откако беа објавени иницијалните проекции, илјадници француски државјани излегоа низ улиците на Париз да протестираат против крајната десница. Сцените од протестите потсеќаа на протестите против Жан-Мари Ле Пен, таткото на Марин, кој влезе во вториот круг од претседателските избори во 2002 година како кандидат на партијата која тогаш се викаше Национален фронт.

Тогаш, партиите и гласачите се здружија против крајната десница, ставајќи ги нивните разлики настрана за да се победи екстремниот кандидат. Но, европската политика драстично се промени изминатите 20 години.

Екстремно левичарската партија „Франција Непотклекната“ и нејзиниот лидер Жан-Лук Меланшон се појавија како веројатно уште поголем непријател за центристите од Ле Пен, по една година помината во борба во Националното собрание. Самиот Макрон помина голем дел од оваа кампања критикувајќи ја политиката на левичарската алијанса Нов народен фронт, која ја вклучува крајната левица, како „гротеска“ и деструктивна за Франција.

Говорејќи неколку часа по поразот, премиерот Габриел Атал рече дека ниту еден глас не треба да оди на сметка на Народниот фронт, но додаде дека кандидатите од коалицијата на Макрон треба да се повлечат само каде што кандидати од „републиканските сили“ може да победат, а не и во местата каде што предност би имале крајните левачари.

Сличен став има и поранешниот премиер Едуард Филипе, кој експлицитно повика граѓаните да се спротивстават на крајната десница и крајната левица.

Кандидатите кои влегоа во вториот круг имаат време до вторник попладне да одлучат дали ќе се повлечат од изборите или ќе продолжат да се борат. Во неделата изгледаше дека во многу избирачки единици третопласираните кандидати се повлекуваа за да помогнат на останатите кандидати да го победат Националниот собир.

Тоа значи дека прогнозите за тоа која коалиција колку пратеници ќе собере не се најпрецизни, бидејќи тие се базирани на избори со тројца кандидати, според институтот Ипсос.

Од партијата Национален собир велат дека нема да се обидат да формираат влада доколку не освојат апсолутно мнозиснтво во Парламентот. Во неделата, Ле Пен инсистираше дека Бардела ќе стане премиер само ако Националниот собир има поддршка во Парламентот. Традиционално, францускиот претседател номинира премиер од најголемата парламентарна група во Националното Собрание.

Со цел да дојде до апсолитно мнозиснтво, Ле Пен ќе треба да постигне договор со пратеници од конзервативната републиканска партија, потег кој не помина многу популарно кај нејзините членови.

Доколку изборите во недела состават Национално Собрание кое нема да може да изгласа Влада, може да даде шанса проектот на Макрон да поживее.

Извор: Политико

Најново

Последни колумни