Политиката која зборува за младите, но не и со младите

Шест години по носењето на законот, стратегии има – дијалог нема: како младинското учество остана заглавено на хартија

Младите во Македонија со години се дефинирани како „иднината на државата“, како клучна целна група во стратегиите, реформските документи и како клуч за успешни изборните програми. Но кога ќе се тргне подлабоко од декларативниот јазик, станува јасно дека политиките најчесто зборуваат за младите – без да зборуваат со нив.

Младинските политики постојат како стратегии на хартија, но ретко како живи процеси на реален дијалог. Наместо суштинско учество, младите често се сведуваат на симболично присуство, на ПР фотографии или на бројка што се користи во изборни циклуси. Јазот меѓу документите и реалноста на терен останува длабок, и покрај тоа што формално постои Закон за младинско учество и младински политики.

Закон има, имплементацијата – селективна

Формално, Македонија има Закон за младинско учество и младински политики кој требаше да биде темел за системско вклучување на младите. Законот предвидува механизми како Локални младински совети, младински центри и локални стратегии за млади.

На хартија, Локалниот младински совет е советодавно и застапувачко тело кое треба да биде мост меѓу младите и локалната самоуправа. Во пракса, во многу општини тој или не постои, или постои само формално: без реално влијание, без ресурси и без политичка тежина.

Наближувајќи се до шестата година од донесувањето на законот, според последните податоци од Национален младински совет за Монтиторинг извештај за имплементацијата на Законот за младинско учество и младински политики во 2024 година, сликата е далеку од задоволителна.

Бројот на локални младински совети е намален и постои само во 28 општини. Само 10 општини имаат младински центри управувани од младински организации. Локална стратегија за млади и акциски планови постојат само во 10 општини. 

Во 2025 само 16 општини предвиделе буџет за млади од законски утврдениот минимум од 0.1% од вкупниот буџет на општината.

Овие бројки покажуваат дека младинското учество сè уште се третира како опција, а не како обврска.

Кога гласот постои, но не се слуша

Овој јаз не е само перцепција – тој е јасно мерлив. Истражувањето на Младинскиот сојуз Крушево покажува алармантни податоци за чувството на вклученост кај младите. Само 12% од младите веруваат дека нивниот глас навистина се слуша, што укажува на исклучително низок степен на доверба во институциите и процесите на донесување одлуки.

Дополнителни 44% се чувствуваат „делумно“ слушнати, што е можеби најзначајниот податок – затоа што покажува дека волја за учество постои, но системските механизми за комуникација, консултација и транспарентност сериозно затајуваат. Во исто време, уште 44% од младите сметаат дека нивниот глас воопшто не се слуша, што сигнализира силно чувство на исклученост и дистанца од процесите кои формално би требало да бидат инклузивни.

Овие бројки не зборуваат само за апатија, тие зборуваат за структурен неуспех на институциите да создадат доверба.

Информации има, но не се достапни

Истражувањето дополнително укажува на три клучни системски бариери што го отежнуваат учеството на младите, особено во однос на пошироките политички процеси, како што се европските интеграции.

Најчестиот проблем е недостатокот од јасни и структурирани информации (37.9%). Младите имаат ограничен пристап до разбирливи, конзистентни и транспарентни податоци од институциите и медиумите. Политиките се комуницираат технички, бирократски и без обид да се преведат во јазик близок до секојдневието на младите.

Процесите, пак, се доживуваат како премногу сложени и збунувачки (28.6%), што создава когнитивни бариери и дополнително го намалува интересот за активно следење и вклучување. На тоа се надоврзува и недовербата во институциите (28.4%), кои младите ги перцепираат како нетранспарентни, политизирани и повеќе декларативни отколку суштински реформски.

Конечно, недостатокот од интерес (19.3%) не е причина, туку последица – резултат на долгорочно чувство дека учеството не носи реална промена.

Од изборна тема до заборавена политика

Дополнителен проблем е цикличната видливост на младите. Во изборни периоди, младинските прашања стануваат популарна тема – се ветуваат реформи, можности и „глас за младите“. По изборите, интересот опаѓа поради приоритетноста на други теми, а младите повторно исчезнуваат од процесите на креирање политики.

Ова создава чувство на инструментализација: младите се повикуваат кога треба легитимитет, но не и кога треба одговорност. Таквиот пристап не само што ја продлабочува апатијата, туку создава и ризик од долгорочно демократско исклучување.

Ако не зборуваме со младите, ќе зборуваме без нив

Проблемот со младинското учество не е во недостаток на закони или стратегии, туку во недостаток на политичка волја да се слуша и дели моќта. Вистинското учество значи вклучување уште во фазата на креирање политики, а не само во нивна промоција.

Додека младите се третираат како публика, а не како партнери, политиката ќе продолжи да зборува за нив – но без нив. А цената за тоа нема да ја платат само младите, туку целото општество.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни