Претставата „Жиголо“ на НУ Народен театар Битола синоќа не се одржа, откако влезот кон Новата сцена беше затворен од страна на Министерството за внатрешни работи поради засилени безбедносни мерки. Иако актерската екипа била подготвена, а пред службениот влез имало голем број посетители, претставата морала да биде одложена непосредно пред почетокот.
Од театрот информираат дека МВР околу два часа пред претставата ги известило дека паралелниот настан во НУ Центар за култура Битола бил проценет како настан со висок безбедносен ризик, поради присуство на високи гости, меѓу кои и албанскиот политичар Албин Курти и Изет Меџити, кои присуствувале на прославата на Денот на албанската азбука. Поради тоа, полициски службеници го пломбирале влезот на Новата сцена, со што било спречено одржувањето на театарската претстава.
Посетителите кои купиле билети ќе можат од понеделник да ги рефундираат средствата или да извршат замена за друга претстава во просториите на театарот.
