Во свет каде што медицината напредува секој ден, жените сè уште мораат да се борат за основните права над сопственото тело и за правото на безбеден абортус. Политиката одново се меша таму каде што не ѝ е место – во здравјето, изборот и достоинството на жените. Жените во многу делови од Европа и светот и понатаму се само објекти на контрола и вина.
Во 21 век, во срцето на Европа, повеќе од 20 милиони жени сè уште немаат пристап до безбеден и достапен абортус. Во некои земји како Полска и Малта, жените умираат или се соочуваат со кривична одговорност поради забрани. Во други, како Хрватска и Италија, правото на абортус постои само на хартија затоа што многу лекари одбиваат да го извршат, повикувајќи се на „приговор на совеста“.
Ниту кај нас состојбата не е идеална. Абортусот е дозволен до 12-та недела по избор на жената, а потоа само по медицински, кривични или социјални причини. Медикаментозниот абортус, иако побезбеден и современ, е ограничен затоа што лековите не се регистрирани и се увезуваат по потреба. Жените надвор од Скопје имаат ограничен избор, а правната и практичната несигурност дополнително го отежнува пристапот до ова основно право.
За жал живееме во време кога про-лајф политиките се испреплетуваат со омраза и контрола кон жените. Во време кога се ограничува нивната автономија, контролата врз сопственото телото и изборите кои жената ги прави. Се оправдува насилството врз жените, вербално, физичко и сексуално.
Живееме во време кога жените се обвинети за сопственото угнетување. Кога не ретко се вели – „самата си е виновна“ и „самата си го бараше“. Истата таа жена која покрај семејството и децата работи една па и две дополнителни работи и притоа е платена 30 до 50 проценти помалку од мажите, од кои голем дел се оние кои сметаат дека полагаат право врз нашето репродуктивно здравје. Кога се бунтуваме против сето ова тогаш сме неморални „феминистки”.
Прашањето е од каде потребата политичарите да ја контролираат жената? Одговорот е во обидот за враќање на еден одамна познат систем: патријархатот.
По дефиниција патријархат е општествен, културен и политички систем во кој мажите, особено постарите мажи, имаат доминантна моќ и контрола над повеќето аспекти од животот: семејството, институциите, законите, економијата и јавниот простор. Патријархатот значи дека целиот систем е дизајниран за мажите да продолжат да владеат, често на сметка на правата, слободите и автономијата на жените.
Ок. Не знам колку пати треба да повториме за да Ви стане јасно: Жените не се машини за раѓање. Мажите не се пештерски ловци што обезбедуваат храна. Децата не се ресурс на државата или идни старатели за старите.
Имањето деца е избор. Исто како и изборот да се немаат деца. Абортусот е избор. Исто како и правото на безбеден абортус.
А за политичарите, посебно мажи- паториотизмот не го врзувајте со создавањето семејство и раѓање на многу деца. Поврзете го со создавање на услови жените да можат да имаа одлична нега во бременоста, да имаат еднакви плати и породилни отсутва. Патриотизам е да изградите градинки, училишта, добар здравствен и образовен систем. Животна средина без ѓубре и концентрации на олово и ПМ честилки далеку над дозволените. Патриотизам е да создадете услови за децата да сакаат да останат, а не да заминат.
А изборот околу раѓањето на деца оставете ни го нас. И парацетамолот исто.